„Денот на дрвото“ ќе се одработува идната година, или идната недела пред избори?!

На социјалните мрежи се проширија шпекулации дека одработувањето на „Денот на дрвото“ ќе се случи на 10-ти декември, ден пред изборите и во тек на изборниот молк. Тоа отвори многу дилеми во јавноста, околу можностите за злоупотреба на предизборната сабота, особено на вработените во јавниот сектор и јавните ресурси.

Одлуката за одржување на „Денот на дрвото“ беше донесена на седница на Владата на Република Македонија одржана на 25 ноември. Како што соопшти Владата вчера, на 30 ноември, токму на денот кој беше прогласен неработен ден и посветен на акцијата „Ден на дрвото“, на истата седница бил заземен став и за одработувањето на неработниот ден..

„На истата седница беше заземен став, работниот ден за одработување на денешната акција да биде во текот на следната година, и беше заклучено одлуката за конкретниот датум да се донесе дополнително, во следниот период. По носењето на конкретната одлука, Владата соодветно ќе информира“, стои во вчерашното соопштение на Секторот за односи со јавноста на Владата.

Според информации од Министерството за труд и социјална политика, од Владата сé уште не добиле конкретна информација за тоа кога ќе биде одработен „Денот на дрвото“. Неофицијално, од извори од Министерството, дознаваме дека добиле најава од Владата оти конкретна информација за ова прашање, ќе добијат во текот на денов.

Претседателот на ЦИВИЛ -  Центар за слобода, Џабир Дерала, вели дека доколку се случи денот пред изборите да биде работен, тоа ќе отвори многу можности за притисоци, злоупотреба на јавните ресурси и невидено кршење на изборниот молк.

„Одработувањето на ‘Денот на дрвото’ наспроти изборите, извесно дека ќе се искористи за максимална и агресивна пропаганда, особено меѓу вработените во јавниот сектор, за притисоци врз нив и за жестока злоупотреба на јавните ресурси кои ќе бидат ставени во функција на изборната пропаганда. Доколку тоа навистина се случи, тоа ќе биде кршење на изборниот молк какво што немаме видено досега“, посочува Дерала.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian