Навистина ми падна жал за случајот на докторот Нестор Поповски од Токсикологија, 63-годишен истакнат доктор и шеф на интензивна нега, кој вложил 37 години од својот живот во лекување на граѓанки и граѓани.
Тој човек доживеа новиот економски директор на толку агресивен начин да постапи кон него. Го користам зборот „агресивен“, како најблага форма на тоа што се случило, бидејќи нели, никогаш не се знае, ако навистина опишам каква била целата ситуација, може и демант да се случи. Во најмала рака, не би сакала некој да ми вреска во слушалка дека морам веднаш да го објавам демантот, како што се случи утрово.
Јас лично не го познавав д-р Поповски до пред некој ден, но ме трогна неизмерно фактот дека на страниците каде беше објавена веста за инцидентот, никој од соговорниците, немаше ниеден лош збор да каже за тој човек. Немаше вулгарни и дрски коментари. Исчезнаа хејтерите... Зборовите кои луѓето ги користеа за да го опишат Поповски беа: благороден човек, најдобар дијагностичар, тој може на сите предавања да им држи, навистина прекрасен човек...
И сега, замислете го утрото, кога се состанале колегите со новиот економски директор, или како што беше потпишан на официјалниот демант Никола Ташев, на примитивен начин се свртел против докторот, и пред сите колеги го „отстранил“ и понижил бидејќи не му одговарало тоа што го слуша. Критиките болат.
Е тука, веќе треба да се одговори на прашањето кое го постави мојот колега Петрит: Ако Ташев си дозволува така да се однесува кон доктор што е една година пред пензија, што треба да очекуваат колегите доктори што се таму една, две, три години? И второ, како ќе постапат Лекарската комора, Македонското лекарско друштво и синдикатот на Клинички ценатр во врска со овој случај? Дај кажете нешто, за да знаат останатите доктори дали да се плашат од мобинг или не!
Прашањето е всушност, дали професионалците во Македонија ќе трпат мобинг до крајот на животот или ќе застанат храбро како д-р Поповски и ќе проговорат за неправдата и за злоупотребата на службени позиции? За срамот, за молчењето, за непроспаните ноќи.
Докторот Поповски отвори едно мало прозорче низ непробојниот ѕид на Клиниката, за и јавноста да ѕирне што сé се случува во тој свет.
А на сите ни се случува. И молчиме. Но, мора да признаете, се радуваме кога некој ќе проговори. И некако, повеќе не ми е жал за докторот. Тој може да ни биде пример.
Жал ми е за тие што молчат.