Со скандирање „Убијци!“, „Правда за Тамара!“, „Затвор за ‘министерот за смрт’ Никола Тодоров!“, стотина граѓани денес протестираа пред Јавното обвинителство и бараа да се осудат виновниците за смртта на малата Тамара Димовска од Велес, која почина пред точно една година, како последица на институционална неажурност.
Жаклина Димовска, мајката на Тамара, денес изјави дека и по една година, виновниците за смртта на нејзината ќерка сé уште не се осудени. Таа рече дека и не очекува дека некој ќе одговара, „затоа што се замешани политички раце“.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=xj3Q4xC2n0w[/youtube]
„Премногу ви е важна и удобна фотељата и затоа само еден ден пред најавениот денешен протест, испаднавте со соопштение дека случајот е во тек и дека ќе се расчисти. Не очекувам да се расчисти случајот, но барам да нема повеќе институционални грешки и да не страдаат невини деца“, рече мајката на Тамара.
Новинарот Огнен Јанески пред Јавното обвинителство побара од обвинителите да излезат надвор и да кажат кога ќе се заврши случајот на малата Тамара, а не само да кажат дека „истрагата е во тек“.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=HnCdeQgF6qA[/youtube]
На протестот дојде и 11-годишната Ханета Салиу која исто така, боледува од деформитет на ‘рбетот. Нејзиниот татко Садула Салиу рече дека се потребни околу 20 илјади евра, за да може да се оперира малата Ханета во странство и да може нормално да продолжи да живее.
Мајката на Тамара, едвај задржувајќи ги солзите додека ја гледаше малата Ханета, меѓу другото, рече: „Додека ја гледам малата Ханета, како да ја гледам мојата Тамара, затоа барам од институциите да работат како што треба и никогаш да не се повтори случајот на мојата ќерка“, рече Жаклина Димовска.
Експретседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, пред неколку години даде ветување кое, ако се исполнеше, можеби Тамара сé уште ќе беше жива. Тој изјави дека „од први јануари 2013-та, стартува реализацијата не ветувањето, со кое, за секој граѓанин за кого, лекарска комисија ќе утврди дека мора да се лекува во странство, трошоците речиси во целост ќе ги покрива државата, односно, пациентот нема да плати повеќе од 200 евра“.
Во негов стил, и Министерството за здравство, на чие чело беше и е министерот Тодоров, се расфрлуваше со ветувања, и на само два ипол месеци (21.11.2014) пред нејзината смрти, вети дека „државата ќе го плати лекувањето на Тамара во странство“.
Морална и политичка одговорност за неисполнетите ветувања, кои делумно влијеа на забавување на хуманитарната акција за собирање средства од граѓаните за помош за Тамара, за жал, никој не поднесе. За кривичната одговорност, на потег е Јавното обвинителство, кое конечно, по едногодишен молк, излезе со соопштение. Јавноста заслужува одговори.
Оваа вест е достапна и на: English