Избирачкиот список затворен, фантомите на слобода?!

Државната изборна комисија (ДИК) соопшти дека се исцрпени сите законски можности граѓанките и граѓаните кои се најдоа на списокот на спорни 39.502  гласачи да се запишат во Избирачкиот список. Од нив, 30.447 лица се, практично, прогласени за фантоми и се бришат од Избирачкиот список.

Во законскиот рок од дополнителни 10 дена кога три или повеќе членови на ДИК можеа да поднесат барања за дополнителна проверка за кое било од лицата кои се пријавиле во текот на увидот, не се поднесени претставки. Со тоа, според ДИК, постапката е затворена, а 30.447 граѓанки и граѓани (или фантоми) го губат правото на глас.

Сепак, според ДИК, постои една, последна можност, граѓанките и граѓаните во текот на јавниот увид непосредно пред изборите да го регулираат правото на глас доколку докажат дека се легитимни гласачи.

По веста на ДИК дека листата спорни гласачи е конечна, граѓанските реакции продолжуваат.  Граѓанската активистка, професорката Мирјана Најческа која што, заедно со сопругот, се наоѓа на листата спорни гласачи, со коментар за завршената ревизија на ИС од страна на ДИК.

„Јас мислам дека или тоа е збирштина на многу глупи луѓе, или збирштина од криминалци. Зошто да се јавам во ДИК?! Јас сум човек којшто бил на тој список, зошто некој би ме бришел? Според Уставот и законите има три причини  поради кои може да ме брише: или сум умрела, или сум го променила државјанството или со судска одлука ми е одземена или намалена деловната способност. Во Кривичниот Законик стои, „секое отстранување од Избирачкиот список, кое што не е врз основа на овие три начини е кривично дело“, изјави проф. Најческа за ЦИВИЛ Медиа. Таа најави кривична пријава со барање затворска казна од 3 до 5 години според Кривичниот законик, за оние кои ја избришале од Избирачкиот список.

Кривични пријави најавија и други граѓани кои велат дека, дури и по пријавите во ДИК, тие и натаму се наоѓаат на „фантомската“ листа, без право на глас.

ЦИВИЛ посочуваше на низа нерегуларности во текот на целиот период додека траеше ревизијата на ИС, вклучително и за доцнењето на кампањата, пречките со кои се соочуваа многу граѓан(к)и кои бараа помош од тимот на ЦИВИЛ, за да пријават „фантоми“ на нивна адреса, а други да потврдат дека неосновано се бришат, зашто нема никаква законска пречка да бидат на „фантомската“ листа.

ДИК во текот на ревизијата, одби да одговори на прашањата што ЦИВИЛ ги испрати и електронски и во писмена форма неколку пати, иако, законска обврска на комисијата е да биде транспаретна во своето работење, како највисок државен орган, компетентен за изготување на единствениот Избирачки список. Останува нејасно и зошто ДИК не искористи низа законски ингеренции и можности да спроведе целосна контрола и ревизија на Избирачкиот список.

И после сѐ, остануваат низа отворени прашања. Дали Избирачкиот список е навистина прочистен? Дали довербата во работата на ДИК е зајакната? И, најважно од сѐ, дали државата ја исполнува својата обврска да обезбеди подеднакво право на глас за сите граѓанки и граѓани на Република Македонија?

Моника Талеска

Оваа вест е достапна и на: Albanian