Младите во Македонија во овој период го бираат својот претставник во Управниот одбор на Регионалната канцеларија за соработка на младите на Западен Балкан (РИКО). Секоја од шестте земји кои се дел од РИКО, во Управниот одбор испраќа по два претставника. Првиот го бираат државните институции кои се дел од процесот (во Македонија: Агенцијата за млади и спорт, Министерството за надворешни работи, Националната агенција за мобилност, Министерството за образование и Министерството за култура...), додека вториот претставник го бираат младите кои се претставници на граѓански организации што се дел од работната група одговорна за изборот на младинскиот претставник.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со Симона Младеновска, од студентската организација „Излез“, како една од членките во работната група.
„Работната група бара да се даде на значење на важноста на транспарентност на изборот. Нам не ни е важно името на претставникот, битен ни е начинот на кој се бира, да биде легитимен, да одговара на критериумите и да има знаење и квалификации да придонесе за бенефит на младите во Македонија“, вели Младеновска.
Последниот претставник на младите во РИКО, Фатон Положани, во моментов е заменик министер за транспорт и врски.
Социјалдемократската младина на Македонија (СДММ) денеска објави соопштение во кое се посочува дека Агенцијата за млади и спорт на нерегуларен и нетранспарентен начин се обидува да го избере младинскиот претставник.
„Социјалдемократската младина на Македонија бара веднаш да престане обидот на ВМРО-ДПМНЕ преку АМС, за инсталирање на 'свој човек' во ова тело. Младите сами ќе ги бираат своите претставници! Тоа нема да го прави ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту било која партија. Од ова отстапки нема! РИКО не е Студентскиот парламент на Универзитетот 'Кирил и Методиј' (СПУКМ), па да се бираат претставници по принципот 'некое ливче нека снема', или со интервенција на полициски сили. Младите заслужуваат вистински свои претставници, а не нечии гласници“, се вели во соопштението.
Како реакција на соопштението на СДСМ, од АМС порачаа: „Процесот на избор на младинскиот претставник во РИКО е еден од најотворените и најтранспаретните процеси кои се водени од страна на Агенцијата за млади и спорт и воопшто, во нашата држава. Конечниот избор треба да биде извршен од работна група која брои 66 членови, а не од самата Агенција за млади и спорт. Во таа насока, апелираме до СДСМ да не ја манипулира јавноста и да се воздржи од злоупотреба на процесот на формирање на Регионалната канцеларија за младинска соработка - за собирање политички поени во предизборниот период“.
На ова претходеше и ставот на Националниот младински совет. „Нетранспарентноста и непрофесионалниот однос од страна на Агенцијата за млади и спорт го кочат изборот на младински претставник за РИКО. За таа цел, НМСМ апелира институциите да дозволат младите да изберат свој младински претставник за Регионалната канцеларија за младинска соработка. Во Работната група се примени членови, номинирани од граѓански организации кои не се активни според Централниот регистар на Република Македонија. АМС не дозволува да се има јавен увид во сите апликации и во целата документација произлезена од конкурсот објавен за проширување на работната група. Право на глас имаат и членовите на Работната група кои се претставници на институции, a кои веќе имаат свој загарантиран претставник. Нема достапна и целосна листа на имињата на членовите на Работната група и организациите преку кои секој член се има номинирано. Еден од кандидатите за Управниот одбор беше член на Работната група, што е спротивно на критериумите во повикот“, се вели во соопштението на НМСМ.
Рокот за пријавување на кандидати за младински претставник (на повикот кој вторпат се објавува, откако првиот пат, никој од кандидатите не успеа да добие доволен број на гласови) истекува денес на полноќ.
Марија Теговска