Пред зградата на Општина Битола, во текот на денот се поставуваа нови железни огради како дополнителна заштита од демонстрантите. Тоа, веројатно, е последица на вчерашните протести во градот, кога Општината беше под засилена полициска заштита, со припадници на МВР од Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар и Дебар.
Исто така, за чување на општинската зграда задолжена беше и Единицата за брзо распоредување.
Долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ – Центар за слобода од Битола, информираат дека за денеска, првпат откако се протестира во тој град, најавен е и контра-протест во организација на Граѓанското движење за одбрана на Македонија - ГДОМ, кои стојат како организатори и на контра-протестите во Скопје.
Контра-протестот е најавен за 19 часот на плоштадот „Магнолија“, односно, еден час по протестот-пленум на граѓаните, кој веќе шести ден се организира во Битола, а кој денеска е најавен за 18 часот пред Офицерскиот дом.
Контра-протест во организација на ГДОМ за вечерва е најавен и во Велес и Штип.