Апликацијата објавена на страната на Државната изборна комисија, деновиве сигурно е најчесто отвораната алатка во државата, која започна како начин на проверка дали е некој на Избирачкиот список или не, но за многу кратко време стана потврда на сите досегашни укажувања на ЦИВИЛ – Центар за слобода за постоење на фиктивни гласачи, на починати луѓе кои не се избришани од списокот, на иселени лица во странство повеќе од 10 години кои се сé уште на списокот, на улици кои имаат само еден број...
Во тој контекст, ЦИВИЛ продолжува секојдневно да добива пријави за неправилности во Избирачкиот список. Денес објавуваме само мал дел од новите информации кои пристигнаа на адресата на ЦИВИЛ.
“Во Битола на ул. ‘Борис Буџевски’ бр.25, запишани се две лица кои не живеат на таа адреса. Лицата Н. Е. и Н. Х. никогаш не живееле на оваа адреса, и никој никогаш за нив не слушнал... На таа адреса всушност, живеат Т. Д., Т. О. и Т. Г.”, стои во една од пријавите кои пристигнаа на адресата на ЦИВИЛ.
“На ул. ‘Борис Кидрич’ бр. 20 во Ресен, на која што живеат Т.Д. и Н.О., по проверката во списокот на гласачи, забележавме дека има пет луѓе кои се водат на истата адреса, и сите имаат исто презиме. Изгледа дека цело петчлено семејство живее со нас, а ние не сме свесни за тоа”, се вели во пријавата на еден ресенчанец.
“Забележав повеќе недоследности, проверувајќи дали ме има во Избирачкиот список. Во моето избирачко место бр. 2806, конкретно на ул. ‘Козара’, бр. 64 има проблематични податоци за стан бр. 2, кој е продаден пред 5 години, а сé уште на списокот се старите сопственици Т.М. и Т.Л. Во станот бр. 3, Н.Д. и В.В. кои според списокот живеат на оваа адреса, воопшто не живеат во овој влез. Станарите од бр. 11, Г.С. и Г.А. се преселени и живеат на друга адреса, а истото важи за станарите од стан бр. 8, Ј.С. и Ј.Е. кои повеќе од 10 години живеат во Канада”, пишува во пријавата на К.В. од Скопје.
ЦИВИЛ ќе ги достави сите свои сознанија за слабостите на Избирачкиот список до ДИК, а воедно ги повикува граѓанките и граѓаните да го сторат истото. Овие случаи може да се пријават и во ЦИВИЛ со принтскрин и со кратка белешка за што се работи. Вашите пријави за фантомски гласачи, како и други проблеми и нерегуларности може да се пријавуваат на[email protected] или на телефоните 02/520 9176 или 075/565 830.
ЦИВИЛ го набљудува изборниот процес преку своите проекти „Напред!“, „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“ и “Граѓански објектив“.
Марија Теговска
Оваа вест е достапна и на: Albanian