Синдикатот во „Улици и патишта“, осум години го раководат истите лица, и покрај незадоволството на дел од вработените во ова јавно претпријатие. Како што ЦИВИЛ Медиа дознава од граѓанскиот новинар кој сакаше да остане анонимен, раководството на Синдикатот, ретко застанува зад правата на вработените, кои секојдневно се прекршуваат на најразлични начини. Вработените работат прекувремено, некогаш и по 18 часа, во близина на отворена цистерна со нафта, на високи температури..., наведуваат извори од ЈП на граѓанскиот новинар, тврдејќи дека се соочуваат и со уште многу други форми на прекршување на основните работнички права.
„Кај нас веќе е нормално да имаме Синдикат кој не ги претставува нашите права, не се ни сеќаваме кога последен пат сме избирале раководни лица на синдикатот“, вели за ЦИВИЛ Медиа вработена во „Улици и патишта“, која сакаше да остане анонимна.
Што добиваат раководните лица во Синдикатот како благодарност, за тоа што не се на страната на оние кои треба да ги заштитуваат? На фотографијата која пристигна во ЦИВИЛ Медиа, меѓу другите, е и лицето З.Ц., вработен во Внатрешна контрола и член од синдикалното раководство, кој наводно, за приватното возило користел гориво на претпријатието. Дали тоа е еден од начините на кои се обезбедува синдикалниот молк?
„Се случува од Синдикатот да дојдат и на груб начин, со повишен тон не предупредуваат да не одиме на протестите на СДСМ, затоа што наводно се насилни, туку да одиме на протестите организирани од владејачката ВМРО–ДПМНЕ. По едно од овие предупредувања, вработените ги избркаа претставниците на Синдикатот, затоа што не е нивна работа - кој оди на протест и каде, тоа е наше право“, ни изјави вработен во „Улици и патишта“.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со Зоран Цветановски од Синдикатот на „Улици и патишта“, кој тврди дека обвинувањата се невистинити и дека моменталното раководство кое втор мандат е на оваа позиција, се бори за правата на вработените. Што се однесува на прашањето за легитимноста, без конкретен одговор - кога се одржале изборите, Цветановски вели дека избори имало, а дека нивниот мандат истекува наесен, кога треба да има нови избори. „Тие што обвинуваат дека не работиме добро, се блиски со директорот, и сакаа на нелегален начин да направат избори, затоа што ние им пречиме, дека ги штитиме правата на работниците, но таа идеја не им успеа“, вели Цветановски.
„Сме се расправале со директорот и со раководството за прекувремените часови, но ние сме таква фирма каде што мора да има прекувремени часоци, затоа што не може да се прекине се работата. Прекувремената работа им се плаќа на работниците“, ни одговори Цветановски за проблемот на кој се жалат вработените.
Во одбрана на Синдикатот, Цветановски посочи и дека „до минатата година, на вработените - како во комунизмот, два пати годишно им дававме батаци“.
Користењето на гориво во сопственост на претпријатието за приватни возила, Цветановски го објасни со возниот парк кој се наоѓал во катастрофална состојба, поради што вработените во Внатрешна контрола, за службени работи користат свои, приватни возила.
ЦИВИЛ Медиа побара и страв од Државениот инспекторат за труд, каде одговорните, очигледно, се уште не се влезени во 21 век, па прашањето за прекршувањето на работничките права, побараа да го испратиме по писмо, на кое ќе одговореле од 15 до 30 дена по пристигнувањето на писмото!
Марија Теговска
Оваа содржина се објавува во рамките на јулскиот циклус од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот Граѓански објектив на ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.