Меѓународниот ден за слобода на медиумите, 3 мај, е прогласен од Генералното собрание на ОН во декември 1993 година, по препорака на Генералната конференција на УНЕСКО. Декларацијата од Виндхок (Намибија) е изјава за принципите на слободниот печат во рамки на семинарот на УНЕСКО „Промоција на независен и плуралистички печат во Африка“ кој се одржа од 29 април до 3 мај 1991 година. Две години подоцна, во декември 1993, година по препорака на Генералната конференција на УНЕСКО, Генералното собрание на ОН го прогласува овој датум за ден на слободата на медиумите. Декларацијата од Виндхок ги следи принципите за слобода на изразување изразени во Член 19 од Универзалната декларација за човекови права (10 декември 1948 година). Овој ден, 3 мај,е можност да се одбележат фундаменталните принципи на слободата на медиумите, да се процени состојбата на медиумските слободи во светот, да се бранат медиумите од нападите на нивната независност и да се оддаде почит на новинар(к)ите кои го положиле својот живот додека ја вршеле својата новинарска должност.
„Новинарството претставува платформа за информирана дискусија за широк опсег на теми за развојот – од еколошките предизвици и научниот прогрес до родовата рамноправност, од младинскиот ангажман до градењето мир. Само кога новинарите се слободни да ги набљудуваат, истражуваат ии критикуваат политиките и акциите, може да постои добро владеење.“ – изјави Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун по повод овој ден.
Фокусот на овогодишното одбележување на Меѓународниот ден за слобода на медиумите е во три меѓусебно поврзани теми и тоа: важноста на медиумите за развојот; безбедноста на новинарите и владеење на правото; and одржливоста и интегритетот на новинарството. (линковите водат кон веб страницата на УНЕСКО).
Македонија...
На овој ден треба уште еднаш да се соочиме со фактот дека Македонија продолжува да тоне во медиумски мрак. Земјата се симнува на ранг листите за слобода на говорот и медиумите веќе со години. На ранг листата на Репортерите без граници Македонија е на 123 место, додека Фридом Хаус земјава ја смести на 122 место заедно со Конго и Кенија.
Македонија е на самото дно во Европа, заедно со Турција која го зазеде последното место. Политичките затвореници се реалност, факт кој го констатира и владата на САД во својот последен извештај на почетокот на оваа година.
Медиумските работници и здруженијата беа изиграни во три години долгата манипулација со медиумската легислатива, со што земјата не мрдна ни еден чекор напред. Напротив, се отворија само дополнителни можности за контрола и притисок врз новинар(к)ите.
Малкуте одважни медиуми и новинар(к)и кои сé уште држат до достоинството на новинарската професија се мета на секојдневни закани, притисоци, тужби и говор на омраза кој го промовираат медиумски истакнати апологети на политиките на владата.
Манипулациите и говорот на омраза беа јасно изразени и во текот на изборниот процес, како што се констатира во Извештајот од изборното набљудување на Цивил. Во провладините медиуми се промовира говорот на омраза, вулгарностите и грубиот речник, додека релевантните институции тоа го дефинираат како слобода на говор.
Денеска е ден да се потсетиме на сево ова и да размислиме што понатаму? Понеделник е нов работен ден за сите. Дали ќе биде исто како и вчера? Или ќе биде полошо? И потивко.
Џабир Дерала