Македонија веднаш да ги заштити имигрантите!

ЦИВИЛ – Центар за слобода бара од надлежните институции веднаш да се преземат мерки за заштита на имигрантите. По околу 200 имигранти секојдневно поминуваат низ железничките пруги на Македонија, загрозувајќи си го животот. Полицијата не им дозволува да  патуваат со воз. Глетката на толпа луѓе на станиците во Гевгелија, Демир Капија, Велес и Куманово, е трогателна. Бегалците од воениот конфликт кои патуваат илјадници километри, чекорејќи по патиштата со деца во раце, изморени од голготата, згора на тоа, често се и напаѓани од криминални банди. Македонија не смее да дозволи нивната трагедија да продолжи на нејзина територија!

Затоа, барањата на ЦИВИЛ се јасни: Владата веднаш треба да свика седница за да изгласа нов законот за азил, во полза на имигрантите. МВР веднаш да ги презем мерки за контрола на криминалните банди кои им продаваат на имигрантите - велосипеди по 150 евра, леб по 200 денари, а сендвичите и водата по 5 евра. Тоа е срам кој треба веднаш да се запре!

Не е првпат, Македонија да покаже бездушност, а притоа, да прекрши низа меѓународни стандарди на кои е обврзана. За среќа по мигрантите, македонските граѓанки и граѓани покажаа на дело дека се сочувствителни и солидарни со туѓата несреќа и дека секогаш кога можат, помагаат. Тоа се виде и од солидарната акција што се спроведе во Кампот на слободата, на 11 јуни. Сепак, многу поважно е институциите да ја исполнат својата обврска - да ги почитуваат човековите права и решително да ги санкционираат оние што го кршат законот со своите постапки и однесување кон мигрантите. Полицајците кои ги малтретираат мигрантите мора да одговараат кривично за своите постапки! Исто така, мора да се повикаат на одговорност и оние институции кои дозволиле прифаќање и сместување на мигрантите под нечовечни и недостоинствени услови. Треба да знаеме дека тие луѓе кои се денес во неволја, еден ден ќе се вратат во своите земји и ќе бидат мост на соработката и пријателството со Македонија“, изјави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.

ЦИВИЛ Медиа веќе трет ден чека одговор од УНХЦР, да соопшти што досега преземале за заштита на имигрантите кои се движат низ територијата на Република Македонија. И оваа институција има должност и обврска да ги заштити бегалците.

Мухамед Ариф од УНХЦР во Македонија, во изјавата за ТВ 24 Вести, ги повика македонските власти да им помогнат на имигрантите со промена на законот. „Владата досега требаше да го имплементира тој закон. Но, таа работи на тоа. И колку побрзо го направат, ќе биде подобро, затоа што ќе бидеме во можност да спасиме повеќе луѓе од секојдневно страдање и ќе можеме да спасиме непроценливи животи кои ако законот не се имплементира наскоро, можат да бидат изгубени. Оние лица кои сега доаѓаат во Македонија, без законска заштита, се во рацете на шверцерите. И на шверцерите и на експлоататорите и на оние кои изнудуваат пари од нив“, изјави Ариф.

ЦИВИЛ ги повикува сите граѓанки и граѓани да ја покажат хуманоста токму сега, кога на имигрантите најмногу им е потребна. Од вчера, во Кампот на слободата се активираше и пункт за хуманитарна помош за азилантите каде граѓаните може да донираат. Најпотребни се пилешки паштети, кроасани, вода, затворени обувки, чорапи, фластери, кенгури за бебиња и пелени.

Арбана Ќерими