Марковиќ: Македонија нема толку високообразовен и стручен кадар!

Откако Одборот за акредитација и евалуација на високото образование издаде дозвола за формирање на нов државен универзитет на македонски јазик во Скопје -  “Дамјан Груев”, ЦИВИЛ Медиа разговараше со професори од универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, за нивниот став, по прашањата - дали има потреба од уште еден универзитет, има ли доволно кадар што ќе предава на новиот универзитет, и што тоа значи за образовниот систем во Македонија? 

Според д-р Ненад Марковиќ, вонреден професор на Правниот факултет при УКИМ, во светот сé почесто се оди во насока на оделување на мировните студии од студиите за безбедност, спротивно од тоа што се предвидува со новиот универзитет.

“Можам да разберам да се донесе стратешка одлука, да се прави таков универзитет и да се обединат сите воени аспекти, високообразовни на едно место, иако во светот има тенденција да се одвојат воени и мировни студии. Но, тоа што ми е најнеразбирливо во целиот проект е што се повторуваат  факултети кои веќе постојат, како што се медицинскиот факултет и правниот, а не се инвестира во постоечките кои и онака губат студенти поради отворање на нови факултети со иста тематика. И следна дилема ми е: од каде кадар кој што ќе предава? Просто е, ние немаме толку високообразовен и стручен кадар кој треба да ги задоволи кадровските потреби на таков универзитет. Најверојатно, ќе треба да се импровизира, а тоа не е добро”, вели Марковиќ.

Марија Теговска

Оваа вест е достапна и на: Albanian