Меџити: Во континуитет имаме партнерство со граѓанскиот сектор!

За дебатата „Градоначалниците и слободата“, дел од активностите на Караванот на слободата, кој во изминативе три месеци организираше повеќе видови активности во над 40 општини низ целата земја, ЦИВИЛ Медиа направи видео-интервјуа со исти прашања, со градоначалниците Изет Меџити (Чаир), Илчо Захариев (Штип), Ратко Димитровски (Кочани) и Андреј Жерновски (Центар).

Градоначаникот на Општина Чаир, Изет Меџити (ДУИ), кој е и потпретседател на партијата тврди дека локалната власт ги спроведува овластувањата без никакви пречки од централната власт или од партијата, дека се во секојдневна, спонтана комуникација со граѓаните и дека имаат слух за нивните права, кои ги почитуваат и тогаш кога не се инкорпорирани во законските рамки...

 ЦИВИЛ Медиа: Имаат ли градоначалникот и локалната власт во Општина Чаир слобода во одлучувањето и автономија во спроведувањето практики и политики на локално ниво? Колку сте изложени на притисоци од централната власт или од раководството на  Вашата партија?

МЕЏИТИ: Мислам дека локалната власт може да аплицира вакви практики без пречки, особено во мојот случај. Јас сум и потпретседател на Демократската унија за интеграција, а во рамки на партијата се разговара и за стратегиите за процесот на децентрализација, каде што генерално се дискутира околу ова, додека овластувањата, кои сега веќе ги поседува локалната власт, ги спроведува без никакви пречки од партијата или од централната власт. Дилема може да има во правец на прашањето дали е доволен овој процес на децентрализација, затоа што Македонија се смета за прилично централизирана држава. Ова можам да го илустрирам: само 3% од персоналниот данок, што е главен локален данок во европските држави, оди за општините, а 97% одат во Владата на Република Македонија. Мислам дека главниот проблем е во буџетите, затоа што делегирањето на овластувања без буџет, подразбира дека тие овластувања не може да се спроведат. Така што, од овој аспект го гледам најголемиот проблем на општините.

ЦИВИЛ Медиа: Дали и како во Вашата општина се поттикнуваат заложбите за почитување на слободата и граѓанските права?

МЕЏИТИ: Во континуитет имаме партнерство со граѓанскиот сектор и ова не го велам колку да се рече, туку, едноставно, во објектот на Општината, на простор што може да е некаде околу 10 или 15% од објектот, се концентрирани невладини организации од различни профили, почнувајќи од екологија, па сè до човековите права. И, ние сме во спонтана, секојдневна комуникација со нив. Сето ова во функција - преку ова партнерство да бидеме поблиску до граѓаните и до акциите што се однесуваат на човековите права.

ЦИВИЛ Медиа: Колку Вие лично, како градоначалник, во водењето на Општината (ќе) нудите простор за артикулирање на слободите и правата на граѓаните на локално ниво?

МЕЏИТИ:  Во овој мандат, особено на почетокот, дадовме конкретен пример дека јас како градоначалник и мојата администрација го слушаме гласот на граѓаните. Иако за време на донесувањето на Деталниот урбанистички план, во еден дел од Општина Чаир имаше јавна дебата и не се крена гласот на граѓанинот против доделувањето на „маркички“ за градба, сепак, ние не се осврнавме само на законскиот аспект и на тоа што подразбира законот, туку отидовме чекор понатаму. Кога го слушнавме гласот на граѓаните кои беа против новите градби, ги стопиравме заради нив. Ова го чинеше буџетот на Општина Чаир и буџетот на Град Скопје околу 5 милиони евра - собирање на даноци за градби. Ние се откажавме од нив, заради единствената причина, гласот на граѓаните кои беа против новите градби! И, ова беше еден добар пример, конкретно во Општина Чаир, дека гласот на граѓаните е многу силен и дека правата на граѓаните се почитуваат и тогаш кога не се инкорпорирани во законските рамки. Нормално, во самото функционирање, тука и таму, можно е да имало и некој застој, но ние во континуитет бевме отворени за дискутирање и дебатирање на проблемите заедно со граѓаните.

Маја Ивановска

Камера: Дехран Муратов


Караванот на слободата е тримесечен фестивал, организиран од ЦИВИЛ и поддржан од УСАИД, кој ги користи уметноста и културата за да влијае на засилување на граѓанската свесност. Тоа е динамичен мултимедијален проект, што го поттикнува граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.