На ДИК не му „чуе“ за гласачите од дијаспора

Според роковникот на Државна изборна комисија, македонските граѓан(к)и во странство можат да поднесат пријава за гласање, своерачно потпишана или испратена по електронска форма до дипломатско-конзуларните претставништва (ДКП). Тоа право сакала да го искористи и граќанката НН што живее во Париз, Франција. 

По одредени процедури низ кои мора да помине пријавата од МНР до ДИК, во рок од 48 часа ДИК одлучува со решение по добиените барања и пријави за гласање во странство. Граѓанките и граѓаните имаат право во рок од 24 часа да поднесат тужба против решението на ДИК, доколку барањето е одбиено.

Но, за да се случи тоа граѓаните првин треба да добијат решение во кое нивното барање е одбиено или прифатено.

НН која знае дека на референдумскиот ден ќе биде надвор од Македонија уредно, уште во август, меѓу првите си поднела пријава за гласање на референдумот. Потврден или негативен одговор не добила, и на 29 септември изутринава отишла на гласање во македонската амбасада во Париз.

„Ве нема на Избирачкиот список, не можете да гласате“ е резултатот од нејзината желба да си го оствари правото на глас.

Следната постапка во ваков случај е приговор до ДИК. По уредно поднесен приговор ѝ ветиле одговор за 4 часа. Но, веќе во 17 часот никој не кревал слушалка во ДИК, поминале часови, но немало ни повратен мејл. На крајот, таа решила да ги контактира преку Фејсбук. Ѝ одговориле дека нејзиниот случај се решава. По кратко време, добива одговор дека решението по нејзиниот приговор е пратено на мејл.

Бидејќи таков мејл не добила, препораката на ДИК била да провери во спам. Со скриншот граѓанката се обидела да докаже дека ништо не ѝ е стигнато, никаде на мејлот. Од тука па натаму, ДИК остануваат безгласни.

Ако ја проверите листата на приговори и одлуки за заштита на личното гласачко право, ќе се забележи дека воопшто нема евиденција дека таква пријава стигнала на адресата на ДИК и дека се одлучувало по неа. Единствениот приговор на 29 септември е одбиен, а решението уште е во обработка.

„За разлика од ДИК, ДКП Париз дадоа сè од себе да најдат решение, но на ДИК не му „чуе“ за оваа неправда“, револтирано коментира граѓанката НН во разговор со нас. ЦИВИЛ располагаа со детални информации и фотокопии од пријавата и од комуникацијата со ДИК и со амбасадата на Македонија во Париз.

Колку вакви случаи има не знаеме точно, но сигурно знаеме дека не се малку, а во јавноста сѐ уште ниедна институција не покажала интерес да ги соопшти фактите од ваквите повреди на правото на глас. Едноставно, „не им чуе“...

Биљана Јордановска

Оваа вест е достапна и на: English