Цивил доаѓа до уште податоци за ускратување на гласачкото право на затворениците. Сопругата на едно лице кое е во истражниот затвор Скопје во Шуто Оризари сведочи дека на денот на гласањето за првиот круг на претседателските избори нејзиниот сопруг не бил на Избирачкиот список. Во разговорот со неа при посетата по првиот круг на гласањето, тој ѝ кажал дека уште четири лица со кои тој секојдневно е во комуникација, не можеле да гласаат тој ден затоа што не биле на Избирачкиот список.
Сопругата на затвореникот тогаш разговарала со членовите на семејствата на уште тројца затвореници од истиот случај, од кои дознала дека ни тие не биле на Избирачкиот список и не го оствариле своето гласачко право.
Непосредно по првиот круг на гласањето објавивме за уште еден ваков случај во прилепскиот затвор. Останува отворено прашањето колкав дел од затворската популација во Македонија се соочува со кршењето на гласачкото право на овие избори.