Избирачки список во целосен хаос, преполн со „фантоми“, со починати лица кои сé уште „живеат“ и „гласаат“... Разочарани, гневни граѓан(к)и кои не можат да го остварат своето гласачко право. ДИК - нетранспарентна. Медиуми - во најголем број во функција на власта. Неинформирана јавност или јавно мислење креирано според призмата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
СЈО на патот кон правдата. Народот под силен притисок од изборната понуда. Државната администрација под силен притисок и закани од владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Раководители на терен, во работно време агитираат за партијата. Фатени на „дело“ извршители на изборен поткуп. Неизвесност! Страв! Немир кај граѓаните пред изборниот ден!
Ваква беше Македонија пред историските, предвремени парламентарни избори кои се одржаа, според Договорот од Пржино, на 11-ти декември.
Изборниот ден помина мирно, без инциденти со физички пресметки. Но, граѓани спречија набљудувач на ЦИВИЛ - Центарот за слобода, којшто го мониторираше изборниот процес пред ОУ „Љубен Лапе“ во скопската населба Аеродром, да го врши непречено набљудувањето на активностите надвор од гласачко место. Закани до набљудувач на ЦИВИЛ дека ќе биде фрлен в канал! Огромни изборни нерегуларности! Пријави за обиди за поткуп на гласачи со бонови во Прилеп. Граѓан(к)и кои талкаат од едно до друго избирачко место, зашто ги нема во списоците каде што гласале со години. Граѓани кои се избришани од Избирачкиот список. Дојави во ЦИВИЛ дека патнички возила од Албанија од раните утрински часови го поминуваат граничкиот премин Стење, со намера да го гласаат на изборите. Гласање зад параваните со помош на член од семејството. Подигнати десетици лични карти на денот на изборите, во прилепската полиција...
Тензично, но сепак, без насилство. Вака помина историскиот 11-ти декември, денот кога Македонија гласаше за избор на нова влада.
И се случи најголемиот парадокс. Лидерот на партијата, којашто до изборите беше на власт, ВМРО-ДПМНЕ и ја предводеше коалицијата „За подобра Македонија“, Никола Груевски прогласи изборна победа пред полноќ. А, лидерот на најголемата опозициона партија, којашто ја предводеше коалицијата „За живот во Македонија“, Зоран Заев, речиси час пред тоа, ја обзнани победата. Граѓаните во неизвесност ги чекаат резултатите.
Славење на плоштадите. Еуфорични граѓани, гласачи и од едната и од другата опција.
И по 18 часа, ДИК сé уште официјално не излезе со релевантен извештај за резултатите од историскиот изборен процес!
Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: Albanian