Снимките кои ги направи активист на Цивил укажуваат уште еднаш на желбата и искрената реакција на сите граѓан(к)и, кои излегоа на протести на 6 мај, за мирно и ненасилно искажување на волјата на народот за конечен прекин на полициската бруталност.
Задача на полицајците е да ги заштитуваат граѓанките и граѓаните. Младите активист(к)и вчера докажаа дека се подготвени да застанат токму во нивна одбрана, онака како што се очекува од полицајците да ги заштитат граѓан(к)ите од било каков вид на насилство.
Наспроти тоа, за време на првиот протест, 5 мај, нашите набљудувачи беа сведоци на провокатори од кои токму полицијата требаше да ги одбрани демонстрантите, а не да им се приклучи во насилството. Истиот начин на иницирање насилство, во помала мера, беше применет и вчера. Ја користиме оваа можност да искажеме благодарност и признание на жените хероини кои со жив ѕид спречија уште една ноќ на насилство.
Воедно, за пример треба да ни послужи и последното видео кое е доказ дека младите се грижат и за својот град, оставајќи ја, по завршување на протестот, улицата пред Собрание, исчистена од отпадоци.
Биљана Јордановска