Новакоски: Партиските лидери ја користат немоќта на ДИК!

Поранешниот претседател на Државната изборна комисија и член на експертскиот тим на ЦИВИЛ - Центар за слобода, Александар Новаковски, во вториот  дел од разговорот за ЦИВИЛ Медиа, зборува за заштитата на гласачкото право, за комплетното потфрлување на ДИК во поглед на Избирачкиот список и за нејзините капацитети за спроведување на избори во декември и соработката со граѓанскиот сектор. Новакоски решително и одговорно тврди дека членовите на ДИК „не можат да настапуваат како партиски кадри и да кажуваат дека тие го послушале гласот на лидерите на политичките партии“, поставувајќи го прашањето: ако вака продолжи ДИК, што ќе се случи во текот на кампањата, на денот на изборите и потоа? Тој е дециден дека „се работи за комплетно нефункционирање и комплетна послушност на сите во ДИК“.

ЦИВИЛ Медиа: ЦИВИЛ - Центар за слобода до ДИК испрати неколку прашања кои до денешен ден останаа без одговор. ДИК ја прашавме каков ефект очекува од кампањата за јакнење на јавната свест за регистрирање на граѓанките и граѓаните кои се најдоа на листата од 39,502 сомнителни гласачи. Кампањата започна со задоцнување и откако стана очигледно дека темпото на пријавување е бавно. Притоа, само еден дел од проблемот беше тоа што, на пример, не беа познати локациите на подрачните единици на Министерството за правда, а некои беа нефункционални, според пријавите до ЦИВИЛ. Како требаше да се организира ДИК? Дали се работи за недоволни капацитети на ДИК или во прашање е нешто друго?

НОВАКОСКИ: Кога ДИК не го водеше Избирачкиот список и не го ажурираше согласно законот, имаше едно прочистување, заедно со Министерството за внатрешни работи, со активно учество на претставници на две странски мисии ОБСЕ/ ОДИХР, и на крај, се дојде до заклучок дека во списокот има 26.000 лица кои требаше да се провери дали  треба да се во Избирачкиот список. По пет години, не добивме одговор дали тие се избришани или не. По 2011 година, ДИК превзема комплетен состав на вработени во подрачните одделенија на Министерството за правда, бројката е зголемена и мислам дека сега изнесува над 100 вработени. Ако оваа бројка ја споредиме со некои земји според број на гласачи - жители, ние имаме најголем број на администрација во изборните органи! Ова ви го кажувам најодговорно. Значи, не постои можност да нема капацитети, туку се работи за нефункционалност на ДИК во последната година. Кои се причините - јас навистина не можам да знам, бидејќи се чувствува ароганција и препотентност од нивна страна, и ниедна сугестија која им беше упатена од експертската јавност, тие не ја прифатија. Единствено прифатија сугестија од некои странски експерти кои работат во Конго, Судан..., и прифатија сугестии од политички компромиси. А се работи за луѓе и за бројки, и се работи за заштита на право на глас.

Ако разбирам нешто од оваа материја, тоа е да го заштитам некому правото на глас, и тоа ќе го правам до крај. И мислам дека никој не ќе може со одредени странични удари да ме замолчи да не ја кажам вистината. Секому му е јасно дека тие 39 502 спорни гласачи за една година можеа човек по човек да бидат проверени. Коко невладина организација која вложува голем напор за да ги открие аномалиите, иако можеби не сте биле директно во тие институции, самите сте свесни дека тоа можело да се направи. Со овие современи електронски системи, кога во други држави се гласа електронски  и по пошта, ние се вративме назад, кога една година се занимаваме со проверка на 39.000 спорни гласачи. Видете, ДИК има 9 члена кои кога биле избрани, во Собранието дале свечена изјава. Не може тие да настапуваат како партиски кадри и да кажуваат дека го послушале гласот на лидерите на политичките партии, и тие сега нека работат. Не! Тие можеа да имаат свој став. Јас верувам дека никој не ги спречи досега. Од моментот кога беа назначени, досега се можеше да биде проверено, човек по човек. Тоа го тврдам најодговорно. Зависеше само од организацијата која ја предводат членовите на ДИК. Изборната администрација во секој случај можеше да се стави во функција. Ги избраа избирачките одбори и можеа да ги употребат, кога се дадоа толку пари можеа и тие лица да се вклучат. Сé е прашање на идеја, организација, менаџирање на тој процес... Изборите се многу сериозна организациска, а не техничка операција. На пример, што ако 1.000 лица од овие спорни гласачи се појават на изборите и не се најдат на Избирачкиот список? Ние немаме инструмент да ги запишеме дента на изборите, бидејќи можно е да не се јават и на увидот. Сметам дека се работи за комплетно нефункционирање и комплетна послушност на сите во ДИК.

Novakoski

ЦИВИЛ Медиа: Сметате ли дека до следните избори во декември, со овие сознанија кои ги имаме и со фактите и ставовите кои ги приложивте, ДИК има доволно време да промени нешто во своето работење? 

НОВАКОСКИ: Мислам дека има време ДИК да направи промени, настрана од Избирачкиот список, за да имаме кредибилни, фер и демократски  избори, имајќи ги во предвид сите извештаи и забелешки на ОБСЕ/ОДИХР.  Но, ДИК се фокусираше само на Избирачкиот список каде потфрли комплетно. Што се однесува до другите критериуми, се прави обид за медиумите, се прави обид да се решат некои други проблеми, но ДИК во овој состав за сé се огласува ненадлежна. А таа, од овој момент па натаму, но и досега, единствено е надлежна да се грижи за законитоста на изборниот процес. Ние сме во ситуација кога многу малку работи можат да се променат до следните избори. Граѓаните на последните избори го положија тестот, мирно и достоинствено излегоа на гласање, со одредени инциденти кои си ги решаваат други органи. Сега, останува колку што е можно, ДИК да се тргне од канџите на овие лидерски средби и заклучоците кои на нив се носат. Мислам дека и лидерите, гледајќи ја немоќта на ДИК, мораат да носат одлуки кои членовите на Комисијата ќе ги спроведуваат. Останува сегментот околу финансирање на политичките партии, изборната кампања, медиумите..., но ако не се реагира навреме од ДИК, уште сега таа да бара и да дава свои предлози (не мора измени на закон) како да се уредат некои области, многу тешко ќе дојдеме до резултат и да се надеваме на некоја добра оценка, без разлика на одделни решени проблеми.

Јас сум скептик, бидејќи овие избори, имајќи во предвид што сé се случува во државата, ќе бидат производ на една голема криза, која им претходи. Сега функционира и СЈО со нивните истраги, и тоа ми дава за право да се сомневам дека во моментот изборните администрации се подготвени да одговорат на овој предизвик.  Во моментов, би сакал да ме демантираат, но изјавите кои ги даваат се исклучително партиски. Ако така продолжат да работат во ДИК, иако сега немаат никакви причини да работат по нечии насоки, што ќе се случи во текот на кампањата, на денот на изборите и потоа? Можете да замислите, ако продолжат со примање на овие сугестии и притисоци од политичките партии. Ако го надминат ова, ќе ја смират администрацијата под нив, и таа ќе си ја заврши работата.

Избирачките одбори на изминатите избирачки циклуси добро си ја завршија работата, имаа контрола, познавање, имаа обуки и едукација. Како ќе функционираат ДИК и ОИК со новите измени, јас навистина не би можел да кажам, но да се надеваме дека ќе најдат начин да ја завршат работата како што треба. Време има доволно за сé.

ЦИВИЛ Медиа: Кои би биле причините на ДИК за нивното држење настрана од советите, препораките, па дури и експертизата на невладините организации кои имаат искуство во изборното набљудување?  

НОВАКОСКИ: Мислам дека ДИК од самиот почеток, со граѓанскиот сектор, со дел од НВО, беше со отворени врати . И самите знаете до каде може невладиниот сектор да се меша во одредени работи, бидејќи ги набљудува тие процеси, дава сугестии, дава мислења, но не ги спроведува. Одеднаш, се отиде во една друга крајност, од тие кои беа најзвучни од невладиниот сектор за соработката со ДИК, сега имаме еден молк. Ниту имаме мислење за список, ниту мислење за бришење на овие 39.000 спорни гласачи... Некои од невладините организации настапија со теза дека има многу голем број пропусти, а сега од нив имаме - молк. Тоа ми дава за право да кажам дека ДИК се повлече од соработката, но соработува со некои странски невладини организации. Тие експерти кои се донесени, мислам дека не се снајдоа со советите кои ги даваат, но тука тешко дека би можеле нешто да сугерираме. Тие сакаат работите да не се добри во ДИК, за да може тие да бидат неопходни. Во тој случај, мислам дека е најдобро - како вие воЦИВИЛ што работите, бидејќи вие покривате еден дел кој тие никогаш не можат да го покријат, ниту пак сакаат да го покријат, а е многу чувствителен. Има луѓе кои работат во ДИК со вкрстени податоци..., но, со чест на неколкуте што ги познавам, другите немаат врска со оваа материја, ниту биле експерти од таа област, ниту се занимавале со прашања кои имале директна врска со избирачкиот процес.

Биљана Јордановска

Камера: Атанас Петровски


ForwardОваа анализа е дел од проектот „Напред!“ чија основна цел е да овозможи долгорочен мониторинг, анализи и препораки кои се однесуваат на општествено-политичките настани и процеси во изборен контекст. Проектот е финансиран со германски средства на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа.

 

 

Оваа вест е достапна и на: English