Нови информации за начинот на кој се организираат контра-протестите низ Македонија постојано пристигнуваат во ЦИВИЛ.
ЦИВИЛ дојде до информации за агресивна мобилизација меѓу партиските членови од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вработени во администрацијата, кои добиваат наредби за задолжително присуство на контра-протестите кои се организираа изминатите денови во Скопје. Пристигнуваат нови докази дека тоа се случува и во другите градови каде во организација на ГДОМ од вчера почнаа да се организираат контра-протести.
Контра-протестот во Велес, кој за прв пат се организираше синоќа, беше со поддршка од партиските активисти од Кавадарци и Свети Николе.
Потврда за тоа се комбињата со регистарски таблички од овие градови кои пристигнале во Велес непосредно пред почетокот на контра-протестот.
Контра-протести вчера се одржаа и во Штип и Битола. Според долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ од Штип, најголем дел од контра-демонстрантите не се жители на овој град. Во Битола, според информациите од мобилниот тим на ЦИВИЛ, најголем дел од контра-протестантите се вработени во РЕК, кои биле присутни заедно со генералниот директор на РЕК.
Мобилизацијата продолжува и за денешните контра-протести во Битола. Пораки со благодарност за присуство до административни работници кои не ни биле дел од вчерашните контра-протести, како и насоки за денешните активности, пристигнуваат во текот на денот.
Оваа вест е достапна и на: Albanian