Охрид SOS против уништувањето на Лагадин

Иницијативата Охрид SOS тврди дека општина Охрид на скандалозен и незаконит начин го протуркала проектот „Медитеранска плажа во Лагадин“, замаскиран како поставување урбана опрема.

Отпорот од јавноста ја принуди Општина Охрид на најподмолен начин да го расцепка некогашниот проект за морска плажа на езеро и перфидно и незаконски да го протурка како поставување урбана опрема. Со оваа процедура се избегнуваат и потребните градежни дозволи, како и водостопанската дозвола што претставува чиста манипулација со правото и противзаконско избегнување на учеството на јавноста.

Од Охрид SOS прашуваат: „Дали Министерството за животна средина и просторно планирање е запознаено со сево ова и дали стои зад ова и го поддржува?“

Понатаму, активистите на оваа иницијатива ја потсетуваат локалната власт дека „на плажата Лагадин минатата година во екот на туристичката сезона се излеа колекторот и предизвика страшен стомачен вирус кај огромен број домашни и странски туристи. И ова се случува секоја година“.

За да се реализира проектот „морска плажа на езеро“ треба да се исечат стотици метри појас трска каде што се гнездат лебеди (симболот на Охрид!) и се мрестат крапови. На 100 метри трска се гнездат само по 3 парови лебеди! Уништувањето на трската може да придонесе лебедите засекогаш да го напуштат езерото како екосистем – алармираат охридските екологисти.

Градењето платформи во езерото, како што планира локалната власт, значи неизбежно вознемирување и уништување на локалната (ендемична) флора и фауна, зголемување на отпадните и штетни материи во езерото, како и трајно нагрдување на пејзажот.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish