Одговорност, бре, мафијаши!

Малата среќа во оваа голема несреќа што и се случи на Македонија, е тоа што и оние „што не сакаат да се занимаваат со политика", како и оние што слепо слушаат, гласаат, одат на протест или „дубат на трепки“ на команда на партиите на власт, ја видоа на дело распарталената партиска машинерија која ги узурпира институциите, а која не може да се справи соодветно ни со еден посилен пороен дожд. Последиците се стравотни! Нé чини прескапо, нé чини многу човечки животи и многу уништувања. А природата не бира по етничка припадност, ниту по партиска книшка

 

Пишува: Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Оваа општа деградација на институциите, конечно им се покажа брутално на сите, без оглед на припадноста. Во сиот свој темен „сјај“. Тоа што се случи, не може да го скрие ниту највештиот, ниту најскапиот ПР. А оваа деградација ни се случува секаде, во сите професии и области, од кои многу влијаат значајно или пресудно на нашите животи. Така е во образованието и здравството, во полицијата и судството, во работните односи и социјалата, во заштитата на човековата средина, во инфраструктурата и градежништвото...

За оваа деградација со години предупредуваат вашите омилени „странски платеници", „соросоиди", „чпиони"...Тие што со време ги дигаат алармите, за да не дојде до вакви ситуации. Но, тие не чинат, и затоа е толкавата црна пропаганда на власта кон нив, со сите расположливи сили, токму затоа што ги палат црвените сигнали, и ја расипуваат розовата слика за власта.

Сега, вашите омилени „предавници“ бараат одговорност! Малку ни е преку сè од „смирување топки", „не е време сега..", и слични фемкања!

Одговорност бре, мафијаши! Ај што не бевте подготвени, ја запустивте инфраструктурата, имавте нестручни лица на клучни позиции, не го ни предупредивте населението и не се ни обидовте да се справите како што треба со поројот, ама и потоа, дополнително добербатувате сè за што ќе се фатите! Од делење на помош по етничка и партиска линија, и со по три дена по несреќата уште недоброени жртви, со вести на јавен сервис на ден на жалост што ги газат сите стандарди за водење вести на таков ден, хаос и недостаток на било каква координација на помошта и пунктовите..., преку несоодветното третирање на загинатите, спротивно од тоа што го пропишуваат меѓународните стандарди на кои се обврзала земјата..., па сé до вашиот одвратен ПР, кој користи ваква човечка несреќа за повторно да „купи“ некој глас и да поплука кон оние што не се со вас. Несреќа за која сте најмногу винови вие, поради вашата долгогодишна негрижа, нестручност и криминал! Да не зборуваме за украдените милиони со „СК 2014“ и долговите од милијарди, пари кои ќе спасеа многу - ако беа употребени соодветно!

Одговорност, бре, мафијаши! Народ гине!

Оваа вест е достапна и на: English