(Овој текст го преобјавуваме по повод добивањето прва награда „Граѓански објектив“ за јануари, 2016 година)
Прилеп, 24 јануари 2016 година. Силни партиски притисоци и закани со казни од 20 отсто на плата, трпат вработени членки на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, за кои императивно е присуството на Годишното Собрание, што во недела ќе се одржи во Скопје, а на кое се очекува свое обраќање да има експремиерот и лидер на партијата, Никола Груевски.
Според сознанијата до кои дојде ЦИВИЛ од граѓанските новинари, директори на јавни претпријатија и основни училишта ги повикуваат вработените членки на Унијата, според претходно подготвени партиски списоци.
„Ги информираат дека нивното присуство на Годишното Собрание на Унијата на жени од ВМРО ДПМНЕ е задолжително, а тие пак даваат согласност. Иако превозот им е организиран, сите собираат по 500 денари со кои ќе си ги платат дневните трошоци во Скопје“, велат изворите на Цивил.
Во прилог на ова говори и постот објавен на фејсбук страна на претседателката на еден месен органок на Унијата на жени.
„На 24-ти јануари се оди во Скопје, на Годишно Собрание, за сите вработени одењето е задолжително, а и другите кои сакаат да идат да се пријават“, им порачува оваа членка на Унијата на своите сопартијки од владејачката ВМРО ДПМНЕ.
Утринава околу 10 часот, тргна голем конвој од автобуси со мобилизираните членките на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп и околината.
Оваа содржина се објавува во рамките на првиот круг од натпреварот „Биди граѓански новинар“ на проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ, поддржан од National Endowment for Democracy. Содржината на овој прилог е минимално редактирана од редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, соодветно на концепцијата на проектот и на веб страницата.
Оваа вест е достапна и на: English