Павловска: „Скопје 2014“ е налудничав перформанс!

Даница Павловска, архитект и експерт за просторно планирање, за ЦИВИЛ Медиа зборува за „естетиката“ на проектот „Скопје 2014“, како „една грда разгледница“, од која, постои опасност, граѓанинот да остане рамнодушен. Тргнувајќи од тезата дека за „Скопје 2014“ се трошат ресурси и средства кои државата Македонија ги нема, Павловска смета дека треба да се повикаат и казнат оние кои го замислија и спроведоа овој проект, но и дека, за жал, „живеењето со таа квазиестетика, нашиот човек ја прима како нужност!“

ЦИВИЛ Медиа: Каков е вашиот став за проектот „Скопје 2014“?

ПАВЛОВСКА: Најкраток опис - тоа е  еден налудничав перформанс! Толку е апсурден што е тежок и за разбирање, не само  затоа што ја нема својата суштина која би требало да се толкува, туку затоа што и неговата појава во последните седум години станува толку банална, што граѓанинот за кого проектот треба да постои, станува рамнодушен. Тоа подразбира дека не мора да не го сака, туку, дека не може ни да го мрази! Живеењето со таа квазиестетика, нашиот човек ја прима како нужност! Се надевам дека ќе се потруди тоа да се смени. Нормално, во целата оваа приказна стручноста досега е одбегнувана, а јас, како репрезент на архитектите, навистина сметам дека утре ќе бидеме сослушани.

„Скопје 2014“ нема ни географски, ни временски, ни економски контекст... Нема ни културолошки, ни социолошки, тој е едноставно, еден обид да се смени идентитетот на македонскиот народ, затоа што има претензии да даде таква порака, но не е прифатен никако во таа смисла. Смешно е да се брише историјата и да се испишува некоја друга! И не е одговорно. Затоа, мислам дека треба да се повикаат и казнат оние кои тоа го направија.

За мене, последиците се најстрашни во културолошка смисла. Има чудна порака, но уште почудна појавност, а најчудно во таа  смисла е влијанието кое го има врз нашиот човек, во културолошка смисла. Тој не смее оваа наметната естетика да ја прифати. Тоа е зло, а јас гледам дека на новите генерации им се нуди како нешто што треба да го осознаат и да го примат како критериум. Тоа не смее да се случи! Секако, мислам на иднината на нашиот човек, но мислам и на градбите. Тие мора да претрпат ре-архитектура, иако јас  таквото нешто не го именувам како архитектура. Тоа е една материја, но во вештите раце, во промислените глави, ќе се најде нешто избавувачко од овој процес, кој сé уште трае и не води од ден - на ден, во нов културен шок. Дури не сакам да ги именувам нештата како Панорамско тркало или некаквo спомен-обележје на Мајка Тереза, коeшто тоа не е, или нешто што во скоро време е така нафрлано, во една грда разгледница за Скопје.

ЦИВИЛ Медиа: Како се градеше „Скопје 2014“? Како во таа „плејада“ на нови споменици, мостови, спомен-обележја и згради, подоцна се вселија и институции, министерства, музеи...?

ПАВЛОВСКА: Мешање на функционалните содржини во нашата струка е нешто што мора да има логичен редослед. Ова што е направено во проектот е апсолутно нелогично. Најмногу за корисниците на просторот, што значи, и за објектите и нивното опкружување е јасно дека има неспоиви содржини на едно исто место и тие тешко или воопшто не функционираат. Затоа и постојат урбанистичките планови кои тоа до детаљ го обмислуваат и затоа е и лошо што уште во процедурата, кога се донесуваше одлуката, не се направи соодветна урбанистичка документација, туку подоцна, без никаква научност. Тие случајни одлуки во однос на градбите, нивното лоцирање, обликување, па дури и нивната содржина, направија една папазијанија

ЦИВИЛ Медиа: Колку граѓанинот понатаму ќе одлучува што ќе се случи со „Скопје 2014“, а колку ќе се прашуваат стручните лица?

ПАВЛОВСКА: Нашата јавност, општата, но и стручната јавност, нема критична маса за покренување на вакви големи прашања. Дури и граѓанскиот сектор, каде јас сум активист, со сето она што го правевме како процес за заштита на ГТЦ. „Го сакам ГТЦ“ беше движење за заштита на комплексот кој има универзални вредности, дури и тој бледнееше во перцепцијата на нашиот граѓанин. Таа апатичност ги опфаќа не само стручните слоеви, туку и обичниот граѓанин кому му пречи немоќта. Вистинската моќ е во негови раце, само треба да постои некоја повисока свест за тоа. Немоќта произлегува од режимот којшто владее. Режимот се менува и треба да се промени. Затоа е добро граѓаните да знаат дека е во нивни раце следното политичко одлучување во однос на сé она што е во нивен интерес, а особено за јавниот простор. Во таа смисла, очекувам граѓанинот да биде поагресивен, промислен, продлабочен... Пожелно е да се прочита, да се препознае намерата на политичарите кога се трудат да освојат власт и нудат некакви проекти.

Нашиот законодавен систем, од друга страна, не е совршен и тој допрва треба да созрева, за да ги следи демократските процеси на овие простори. Оваа наша земјичка, колку е нова, толку е и млада, и во таа смисла, деструкцијата е многу пострашна. Ако во првите десет години од постоењето на оваа држава сме направиле некаков исчекор, многу е болно да се враќаме наназад во следните дваесет години. Особено ни е тешко нам, на генерациите кои сме вложиле во тоа, затоа што се има впечаток дека на помладите ја оставаме државата  во бедна состојба.

ЦИВИЛ Медиа: Постои ли можност „Скопје 2014“ да ни остане како спомен и наследство од овој период? Дали ќе можеме до темел нешто да промениме и да го смениме ликот на градот или ќе ни остане како црна дамка?

ПАВЛОВСКА: Јас како вљубеник во Скопје сметам дека ликот на градот постојано ќе се менува. И оваа промена е некаква судбинска, која ни се случува и која ќе ја одживееме зависно од нашиот однос кон градот како субјект. И ќе ја надминеме на начин којшто, се надевам, ќе биде доволно коректен и цивилизациски. Како што настануваше тој проект, без никаква аналитика, студии, без соодветна визија и без обнародување што е многу битно, така сметам дека следните чекори треба да бидат на ниво на проценка што е тоа што треба да се оттргне, што ни штети, а што од тоа ќе треба да остане. Има некои последици кои едноставно се непоправливи. Таа девастација на простор, како ние што ја нарекуваме во нашиот речник, значи - просторот ги нема веќе референците што ги носи, не е употреблив е најочигледна во регулацијата на реката Вардар, каде никнаа нови објекти кои се исто толку бесмислени. Едноставно, тие не мораат, не треба да бидат на тоа место и такви кави што се. Тешко е да се каже дека регулацијата на реката Вардар ќе биде во функција по овој атак што е направен со овие градби. Остануваат лузни, со кои мене Скопје пак ќе ми биде убаво.

ЦИВИЛ Медиа: Можно е природата да си го направи своето, да направи бришан простор?

ПАВЛОВСКА: Во однос на времето или забот на времето, да - постои можност. Поради материјалите со кои се изградени. И за тој термин се прашувам, зашто многу често го употребуваме изразот сценографија што асоцира директно на многу слаб квалитет на материјалите. Очекувањата се тие да бидат многу бргу разбиени, разорени, уништени или ќе бараат огромни средства за да се одржуваат. Секоја стиропорска облога, така поставена, брзо ќе се амортизира. Истовремено, таа преставува многу висок ризик од пожар. Тие материјали се лесно запаливи, а ние како фела, навистина апелиравме дека е опасно. Имаше еден пожар уште во градбата и тоа нешто требаше да сугерира да се застане со реализација. Мојата конечна теза е монаториум на проектот „Скопје 2014“! А, тоа значи стопирање, еве, ќе видиме што е направено и како е направено досега, но не повеќе. Ако може да се застане, наједноставен е чинот на преиспитување, ќе видиме што понатаму, но да не се гради, да не се вложува повеќе... Тоа е болниот момент за нашата сиромашна држава. Немаме ние таков буџет да си дозволиме над 600 милиони евра за декор.

Биљана Јордановска 

Камера: Атанас Петровски

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish