Подобро херој денеска, отколку соучесник утре!

Во разговор со еден мој пријател, дознав за една криминална пракса во која еден човек бил принуден да пере пари за одредена структура на моќта. Немам намера да ги откривам деталите сега и овде, но би сакал да го раскажам крајот од разговорот. Му велам на пријателот да му пренесе на човекот кој бил принуден да пере пари дека овој случај треба да го пријави.

Пишува: Џабир Дерала

Пишува: Џабир Дерала

„Така му кажав и јас“ – ми вели пријателот – „ама не сака, се плаши.“

„Поголем проблем е ако не пријави“ – му одговорив – „ако пријави сега, има шанса да има својство на сведок, но ако не пријави, тогаш истрагите за криминалот може да доведат до него. Тогаш ќе биде подеднакво виновен како и оние за кои перел пари.“

Мојот пријател ја пофали оваа логика и ми кажа дека ќе му пренесе.

Конечно, некои работи во оваа кутра земја се променија. Мора час поскоро да сфатиме дека денеска може секој да биде херој и да придонесе за разобличување на криминалите, злоупотребите и изборните кражби. Доволно е само да посведочи за тоа. Но, утре тоа може да се промени. Стравот за позицијата, платата или бенефицијата е чекор до соучесништво.  Денот кога молкот и криењето на вистината ќе биде означено како соучесништво се ближи. Подобро херој денеска, отколку соучесник утре!

Оваа логика се однесува и на политичката корупција во изборен контекст. Секој обид да се услови нечиј глас, мора да се пријави. Секое работно место условено со лојалност кон партијата, секоја услуга од институциите, субвенција, стипендија, кревет во студентски дом, повисока оценка на училиште, каков и да е устен работен налог кој нема врска со работното место и работните задачи – сето тоа е злоупотреба, забрането е и се казнува според законот!

Никој нема право да принуди никого да испраќа СМС пораки, да агитира или да врши политички притисок или уцена. Кога некој се согласува некој да влезе во таа игра, да биде дел од машинерија која работи против Уставот и законите, тој или таа е престапник. Значи, криењето и на нарачателите на едно криминално дејствие е соучесништво.

Сѐ уште не е доцна да се повлече вистинскиот потег и да ѝ се помогне на Македонија. Не знам колку пати треба да повторам и да кажам дека не е важно кој е на власт, туку како таа власт се користи. Не е важно која партија е на власт, туку колку таа партија ја злоупотребува власта и го краде и мачи народот. Не можеме повеќе да си го дозволиме ова! Не поради нас самите, бидејќи еден е животот и минува како миг, а уште помалку можеме да го дозволиме поради нашите деца! Не можеме да им дозволиме на арамиите да газат по нашите плеќи и да ги впрегнуваат нашите деца како коњи во нивните златни запреги.

Видовме и искусивме секакви и од ден на ден животот ни станува сѐ потежок и понеизвесен. И секогаш луѓето мораат да платат за нешто што им припаѓа. Секогаш има некој дел од договорот кој, божем, се подразбира. Секогаш сме ставени во ситуација да кажеме „така било и така ќе остане“.

Не мора да биде така. Стравот ги храни неранимајковците. Немоќта и помирливоста се столбови на фашисоидното владеење и криминалот кој ја краде иднината на нашите деца.

Уште колку пати треба да се каже дека 500 денари или вреќа брашно во замена за нашиот глас се парите или брашното кои им ги земаме на нашите деца?! Не ни ги дава некоја партија тие пари, туку тоа се наши пари или пари на нашите деца. Што може да биде поедноставно од овој факт?

Државата има обврски кон нас. Власта и институциите имаат обврски кон нас. А ние сме тие што ги плаќаат и имаат право да бараат повеќе. Тоа е пропишано и со Уставот и со законите. Не обратно. А ако се обидат тоа да го променат, не смееме да им го дозволиме тоа.

Без оглед на тоа за кого „навиваш“, драг(а) мој(а) читател(к)е, обиди се сам(а) да погледнеш околу себе и обиди се да си кажеш себе си, не мене, дека ова што го читаш, не е точно. Не велам дека е сеедно кој ќе победи на изборите, но сеедно ќе биде кој е на власт, ако дозволиме да продолжи ова децениско тонење. Но, за тоа сме одговорни сите, секој од нас. Предолго се обидувавме да ѝ побегнеме на политиката, за сега да сфатиме дека политиката ни го украде животот.

Сѐ додека не ги сфатиме овие едноставни работи – нема ништо да се промени. Уште поважно, сѐ додека молчиме и мислиме дека некој друг ќе ни ја заврши работата и ќе ни обезбеди подобар живот – нема ништо да се промени. Затоа што, секогаш ќе се најде некој друг што ќе продолжи да ни ја цица крвта и ќе ни го гази достоинството, ќе ни ја навредува интелигенцијата.