Контра-протестот на ГДОМ пред домот на граѓанскиот активист од Битола, Илија Балтовски, се случи на 11- ти мај 2016. Тој настан не е регистриран во извештајот на битолската полиција!
Ова не е единствен настан што е изоставен од официјалниот документ кој треба да ја отсликува реалната состојба на безбедноста во општина Битола.
Извештајот ги содржи активностите на Шарената револуција, протестите кои беа организирани пред зградата на Општината, блокирањето на патиштата во градот, како и протестот пред домот на градоначалникот Владимир Талески, но во делот посветен на јавниот ред и мир не се евидентирани контра- протестите во организација на ГДОМ.
Во периодот кога речиси секојдневно се одржуваа протести на Шарената револуција, се организираа и собири на контра-демонстрантите на повеќе локации во градот: на плоштадот „Магнолија“, пред зградата на СДСМ, пред Офицерскиот дом и пред домот на градоначалникот Талески, како знак за поддршка, по објавувањето на веста дека му е одредена мерка притвор. Сепак, тие не се регистрирани во овој извештај.
На 54-та седница на Советот на Oпштина Битола, советниците требаше да го изгласаат извештајот што го достави Полициската станица.
Советниците од опозицијата, ги посочија недоследностите во извештајот, и побараа одговор од командирот Иван Блажевски кој го потпишал извештајот, но поради негово отсуство на седницата, одговор зошто поднесен е половичен извештај - не добија.
ЦИВИЛ Медиа побара изјава од Благојче Котевски, советник од редовите на СДСМ, кој го покрена прашањето за бришењето на информации во полициските извештаи.
„Овој извештај уште еднаш во целост ја потврдува констатацијата на опозицијата и на меѓународните фактори - за целосна партизација на полицијата во Македонија. Оваа констатација ја потврдува и Информацијата на полициската станица. Информацијата е крајно селективна и партиски ишарана во боите на МВРО. Во истата се нотирани само протестите на Шарената револуција, а не се нотирани протестите кои ги имаше здружението ГДОМ. Не е забележан собирот пред партиското седиште на СДСМ, ниту оштетувањата направени на фасадата, скршениот прозорец и реклама“, вели Котевски.
„Што сакате да постигнете со овој извештај? Дали ова значи дека овие настани некој сака да ги избрише од колективната меморија? Дали ова значи дека некој сака да ја фалсификува нашата сегашност, а со тоа и нашата историја? Дали тоа значи дека имаме двојни стандарди за граѓаните кои се дел од власта и за граѓаните кои не припаѓаат на истата?“, се прашањата кои Котевски ги постави пред советниците во Општина Битола, пред изгласувањето на извештајот.
И покрај укажувањата на повеќе советници од опозицијата дека станува збор за извештај кој не ја отсликува реалноста, извештајот беше изгласан со 11 гласови - за и 9 - против.