Претседателот Ѓорге Иванов, денеска не се појави во Собранието, за пред пратениците да ја објасни својата одлука за аболиција на 56 лица против кои се води кривична постапка. Оваа негова одлука беше причина за покревање на постапка за утврдување на неговата одговорност.
Пратениците од власта и од опозицијата со спротивни ставови во врска со импичментот за Иванов. СДСМ побара оставка од претседателот, и парламентарни избори наесен, кои ќе се одржат заедно со претседателските.
„Иванов треба да сноси одговорност за злоупотребите во својата функција. Амнестијата е во надлежност на Собранието, а не кај претседателот. Со тој упад во работата на Собранието, тој го прекрши Уставот. Аболицијата ја направи надвор од законските норми, со укинат член уште во 2009 година", појасни Рената Дескоска, образложувајќи го предлогот за импичмент на Иванов.
Претседателот на Комисијата која требаше да ја оценува основаноста за покренување на постапката, Зоран Илиевски, соопшти дека за Комисијата - предлогот не е основан. Комисијата е составена од 11 членови, во која мнозинство се пратениците од владејачката партија.
Одлуката за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување на одговорност на претседателот, треба да ја донесат две третини од вкупиот број пратеници, односно, најмалку 82 пратеника. Се очекува расправата да трае долго, затоа што се пријавени за збор 80 пратеници.
Покрај тоа што предизвика покренување на постапка за одговорност на Иванов, одлуката за аболиција е причина и за двомесечните протести на Шарената револуција, кои во форма на протести, блокади и герила-акции се одвиваат на улиците на градовите низ Македонија од 12-ти април.
ЦМ
Оваа вест е достапна и на: Albanian