Правда и слобода за Кежаровски!

Илјадници граѓани, новинари, студенти, професори, политичари и активисти за човекови права протестираа против пресудата на новинарот Томислав Кежаровски денеска пред Апелациски суд, а потоа во поворка се упатија пред владата. Со скандирање „Слобода за Кежо!“, „Нема правда нема мир“, „Корумпирани судии“, „Убијци“ и „Апаши“ побараа укинување на затворската казна на новинарот Кежаровски и негово прогласување за невин.

На насобраните илјадници луѓе им се обратија Зоран Димитровски, колега на Кежаровски и поранешен главен уредник на весникот Нова Македонија, кој одржа жесток и емотивен говор со кој го разобличи валканото лице на Груевски и неговите поданици. „Багра се тие! Ѕверови се тие! Тука сме да не им го дозволиме тоа!“ – извикуваше Димитровски.

#freedom4kezarovski Zoran Dimitrovski

Во својот говор, претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, порача дека „ние не бараме милост, туку правда за Кежаровски“.

На протестот се појави и новинарот Кежаровски, кој еден час пред протестот беше пуштен од затворот по одлука на Управата за извршување на санкции.

„Оваа експресна постапка на властите ја сметаме за неуспешен маневар да се дивертира вниманието од срамното и бескрупулозно владеење. Спектакуларно апсат, а потоа ја манипулираат јавноста и се служат со гангстерски трикови. Повеќе од јасно е дека судот носи политички пресуди под диктат на мала група луѓе кои ја злоупотребуваат власта до крајни граници. Речиси две години трае голготата на новинарот Кежаровски и неговото семејство, како и на низа други политички затвореници во земјава. Тоа мора да престане! Ќе се бориме до крај за правда и слобода на зборот!“ – ги коментираше последните настани во врска со овој случај Џабир Дерала, Претседател на Цивил.

#KezarovskiЧленовите и раководството на Цивил решително се вклучија во акциите и заложбите за правда и слобода за новинарот Томислав Кежаровски, но и на сите други политички затвореници во Република Македонија.

„Борбата за слобода на Кежаровски е и наша лична побуна во одбрана на слободата на изразување и медиумската слобода. Најостро ја осудуваме праксата на македонското судство во овој и низа други случаи. Ваквото судство грубо ги крши човековите права и слободи и основните принципи на демократијата.“ – се вели во вчерашното соопштение на Цивил.

 

Арбана Ќерими

FB album (CIVIL)