Настојувањето на Владата да донесе буџет за 2017 година, токму во овој период, пред одржување на предвремени парламентарни избори, според аналитичарите, е со цел да им испрати порака на гласачите дека во државата ништо нема да се смени ниту по изборитe, дека ВМРО-ДПМНЕ останува и натаму на власт.
Анализата на Предлог буџетот којшто беше доставен до пратениците, смета поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини има исклучиво предизборна функција. Според него, оваа Влада, поточно владејачката ВМРО-ДПМНЕ, како и во изминатите 10 години, носи буџет со еден приоритет, да ги придобие гласачите. Оттука, според Хајредини, во овој предлог-документ отсуствуваат капитални инвестиции, во замена за повисоки плати на државната администрација и пензионерите!
„Тоа што сега брзаат, се обидуваат да создадат клима дека во државата е сé во ред, а дали тоа ќе биде, е големо прашање. Буџетот во Македонија, како и претходните години откако е дојдена оваа власт, расте рапидно и е во функција на финансирање на платите на огромната државна администрација. Што се однесува на инвестициите, тие се средства наменети пред сé за довршување на проекти коишто немаат никаква врска со поттикнување на развојот на стопанството, туку за да се заокружи проектот 'Скопје 2014' и поголем дел од нивните пари да бидат свртени кон нивните сметки во странство и во земјата. Така што не треба да се очекува ништо подобро, во однос на претходните години, ништо ново, ништо особено“, оценува аналитичарот Хајредини.
Според него, оваа власт, ниту со минатите, ниту со овој буџет, нема да понуди подобрување на инфраструктурата во државата.
„Во поглед на капиталните расходи, како и претходните години, поголеми пари од буџетот се трансферираат во Фондот за пензиско осигурување, отколку за капитални инвестиции! Ниту еден од нивните проекти во програмата 'Преродба во 100 чекори' не е остварен, ниту во патната, ниту во енергетската инфраструктура, не е изградена ниту една централа, не е завршен ниту еден од магистралните патишта, автопати не се изградени, како ни железничките линии кон Албанија и Бугарија... Парите ги трошат, а приоритет е им е како да ги поткупат гласачите, граѓаните во целина“, изјави Хајредини за ЦИВИЛ Медиа.
Според претседателот на Комисијата за финансии во СДСМ, Кире Наумов, ова е лажен развоен Предлог буџет, којшто е составен само под притисок на Груевски, за да му послужи како инструмент во предизборната кампања.
„Буџетот е доставен до парламентот и мнозинството ќе го изгласа. Притоа, мора да се има предвид дека роковите се многу кратки. Опозицијата најави дека ќе поднесе амандмани коишто ќе бидат исклучиво во интерес на граѓаните. Доколку парламентот го донесе овој буџет, сосема е јасно дека по изборите, новата влада ќе донесе сосема нов буџет, којшто ќе биде одраз на програмата и проектите коишто ќе добијат доверба од граѓаните. Се надеваме дека ќе има фер избори кои ќе се случат во декември, па со новиот буџет ќе се водиме од принципите на објективност на приходната страна и на рационалност и на дисциплинираност на расходната страна“, вели Наумов.
Тој става акцент на според него „една историска ставка“, а тоа е износот на трошоци само за камати од 134 милиони евра!
„Тоа е цената на огромниот јавен долг и граѓаните треба да имаат предвид дека овие 134 милиони евра се третина од буџетот за образование и, исто така, една третина од сите средства што ги троши Фондот за здравство. Друга дубиоза е планираното зголемување приходи од данокот на добивка за 16 отсто. А министерот за финансии најверојатно не слушнал дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ се расфрла со даночни ослободувања, токму од данокот на добивка?! Третиот момент во овој квазидокумент се капиталните расходи. Капиталните инвестиции со години наназад се реализираат од 50 до 80 отсто од иницијално предвидените во буџетот. Новата Влада по изборите ќе усвои сосем нов буџет, планиран на реални параметри со развојна компонента којашто ќе ја почувствуваат граѓаните многу брзо“, изјави Наумов за ЦИВИЛ Медиа, потенцирајќи дека СДСМ ветува во првиот мандат и просечна нето плата од 30.000 денари, којашто ќе се обезбеди со измени на целиот однос на компонентните од Бруто домашниот производ.
Предлог буџетот за 2017 година на приходната страна предвидува 3 милијарди евра, а на расходната 3.35 милијарди евра. За да се покрие проектираниот дефицит и да се отплаќаат долговите, Владата планира уште нови задолжувања: во странство - со издавање на еврообврзница на меѓународниот пазар на капиталот, но и задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност и со повлекување средства од поволните кредити од меѓународни финансиски институции и кредитни линии, наменети за финансирање на одделни проекти.
Моника Талеска