„Финансиските рестрикции кои започнаа со стопирањето на предвидената помош во износ од околу 100 милиони евра од ИПА 2 програмата, продолжуваат со новата одлука - 24 милиони евра неповратни средства, кои беа доделени од третата компонента на ИПА 1 фондовите, наменети за регионален развој , да се повлечат од Македонија“, изјави пратеничката на СДСМ, Лидија Димова, на денешната прес-конференција.
Како што истакна Лидија Димова, во двата случаја се работи за неповратни средства, што претставува голем удар за македонската економија, особено во момент кога Владата ја издаде новата еврообврзница, со која, со нови 450 милиони евра се задолжуваат граѓанките и граѓаните во Македонија.
„Овие 24 милиони евра коишто Владата морала да ги врати во Брисел, биле наменети за подобрување на патната инфраструктура по должината на регионалната мрежа на Југоисточна Европа, од Приоритетната оска 2, со чија помош се модернизира транспортната инфраструктура! За подобрување на инфраструктурата од Приоритетната оска 3 за заштита на животната средина! Најголем дел од парите биле за инфраструктура за собирање и прочистување на отпадни води, а дел за воспоставување интегриран и финансиски одржлив систем за управување со цврстиот отпад. Македонија изгуби средствата и од техничката помош за подготовка на инвестициски проекти од Приоритената оска 4! Во 2015 година, земјава вратила 17 милиони евра неповратно доделени пари, на Брисел, а претходно, во 2014 година, моравме да вратиме околу 7.7 милиони евра. Тоа се вкупно 24 милиони евра отидени во неврат!“, изјави Димова.
Претходно, ЦИВИЛ Медиа разговараше со Димова, за влијанието на губењето на ИПА фондовите врз македонската економија. Спореднеа, тоа „лошо ќе влијае од две битни причини. Прво, затоа што Македонија си дозволува да изгуби неповратни средства. Владата е толку креативна што измислува некои чудни институции од кои земаме кредити под апсурдни услови. Од таа гледна точка, тоа ќе биде штета. Ги задолжуваме идните поколенија. Ако до вчера, долгот за секое новородено дете беше 2.100 евра, денеска тој ќе рипне на 2.500 евра. Втората причина зошто ова ќе влијае штетно, е затоа што имаме обичај да ја забораваме причината поради која ЕУ ги дава овие фондови. ЕУ во нас гледа идна држава-членка и во процесот на пристапување ние треба да развиваме одредени капацитети за кога ќе станеме држава-членка, да можеме без проблем да ги апсорбираме големите европски средства коишто се само за државите-членки, тие се во рамките на кохезионите и структурните фондови. Ако вие не знаете да ги искористите овие релативно мали средства, тогаш практично им кажувате на државите-членки дека кога ќе бидете дел од ЕУ, само ќе им пречите. Затоа што, ако денес не знаете да искористите 600 милиони евра, како ќе знаете утре да искористите 10 милијарди евра?“, истакна Димова.
М. Теговска