„Со нетрпение ги чекам сите идни разговори со вас на терен, затоа што тоа е мојот план, да бидам постојано со вас и да разговараме и да се договараме за заедничката иднина на нашата татковина... Заеднички ќе обзнаниме една нова ера на визија, на акција и на резултати. Денес Македонија им докажува на сите дека верува во себе и знае што прави, и се бори за себе и својата подобра иднина и нема да дозволи никој да си игра со тоа! Јас верувам во вас и верувам во Македонија! Знам дека и вие верувате!“, потенцираше со трогателен тон, во обраќањето до нацијата, премиерот во заминување Никола Груевски, најавувајќи го депонирањето на, сепак, условената оставка.
И ако патетиката во настапот може да се објасни и со (не)прифаќањето на фактот дека навистина мора да го испони ветеното и своерачно потпишаното, и по речиси цела деценија, да се збогува со позицијата која значеше неограничена моќ, проследена со тотално отсуство на отчет и одговорност, проѕирниот обид за спин со условувањето на оставката, која според Груевски ќе стапела на сила на 100 дена пред закажаните предвремени избори, е само уште еден издишан обид на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да го окуражи своето членство.
Потенцирањето на условот за оставка, е само очајнички обид да се издејствува притисок на меѓународната заедница и на денес присутниот во Скопје, еврокомесар Јоханес Хан врз опозицијата и нејзиниот лидер Зоран Заев да го прифатат токму 24 април како ден за предвремените избори. Иако и опозицијата и еминетни претставници на експертската јавност и граѓанскиот сектор (а според сознанијата од секојдневното присуство на ЦИВИЛ - Центар за слобода во градовите низ државата, и голем дел од граѓаните), се децидни дека Македонија не смее да си дозволи организирање на уште едни избори без обезбедување на максимални услови тие да бидат фер, слободни и демократски.
Всушност, и директно пренесуваното „обраќање до нацијата“, повеќе беше мотивациононен говор за членовите на партијата на власт и на нивните коалициони партнери, по сите дадени, па погазени ветувања, отколку повик за единство на нацијата во државата која „предолго е заглавена во политичката криза“.
Како поинаку да се сфатат обвинувањата кон критичарите на власта, всушност, кон сите инакумислечки (што е една од главните карактеристики на режимот на Фамилијата) дека водат „валкана кампања против Македонија“ и дека барањата за одложување на изборите, сé додека не се создадат минимум услови, биле само „јасна стапица за да се држи нашата земја во заложништво, да се држи во криза, континуиран конфликт и да се оспори правото на народот да ги одбира луѓето кои мисли дека треба да ја предводат државата“.
И тука, не помага ни патосот дека ВМРО-ДПМНЕ направила многу компромиси, дека дури била и критикувана оти премногу била компромисна и премногу попуштала, но дека тоа го правела „свесно и за доброто на државата“. Особено не – невкусниот обид, ачик да се префрли одговорност врз народот: „Мојата партија и јас лично се држиме до овој договор затоа што стоиме до вас, се потпираме на вас, веруваме во вас. Ваше и единствено ваше е правото да одберете кој ќе ја води оваа држава. Вие, народот на Македонија сте нашата главна потпора и јас ова го правам за вас, затоа што верувам во вас и во вашата одлука и проценка. Вие сѐ знаете и на вас сѐ ви е јасно. Никој не смее да ве потценува. Вие ќе го кажете вашето мислење на следните избори јасно и децидно и тоа ќе биде громогласно и убедливо“.
На граѓан(к)ите на Македонија навистина им е доста од „политичка криза и вознемирувачки случувања, шпионажи, безбедносни и економски предизвици“, како и од годините на „кавги, поделби, гнев, агонија, обиди за економски, политички, па и безбедносен колапс на Македонија“. Но, откако како пишман аџија, по сите заколнувања дека нема да се повлече од функцијата, Груевски, сепак, поднесе оставка, како сега да му се верува дека навистина сака „нашата држава да оди напред и да продолжи силно да се развива“, дека по десетте години кои ни ги изедоа скакулци, на следните избори нема да се враќа на старите политички препукувања? Или дека, по стотиците милиони евра, безмислосно изарчени за сомнабулни проекти со панаѓурска естетика, како карикатуралниот „Скопје 2014“, овој пат ќе имал „големи планови и сериозни платформи за државната економија, раст и развој, за опстојување на патот за отворање на нови работни места и инвестиции во сите области“?
Ни соспите изветвени од повторување фрази, не можеа да ја маскираат несигурноста во настапот на премиерот во заминување, чиј бледникав настап и излитен популизам („Јас верувам во вас и верувам во Македонија! Знам дека и вие верувате! Одиме напред! Заедно, рамо до рамо, секој ден до денот на изборите кога повторно ќе застанеме цврсто и со гордо крената глава ќе кажеме – успеавме – Македонија успеа, и ние сме дел од таа голема победа!“) можеби, на кратки патеки, ќе ја зацврсне расклатената самодоверба на партиските апаратчици и ќе го одложи престројувањето во редот на сé побројните „сончогледи“. Но, испразнетите од смисла пароли, едноставно веќе не врват. И редно е...
Единствено, во што целосно согласувам со Груевски, и што од сé срце посакувам да се случи по изборите, е „со нов ветар во грб, кога сета оваа агонија која ја создадоа, ќе биде зад нас“, Македонија да докаже дека е силна и отпорна, и „дека никој не смее да го потценува нашиот народ, дека знае што сака и знае кого и зошто го поддржува“.
Оваа вест е достапна и на: Albanian