В среда (28 декември) од Градски парк во Скопје, кај фонтаната, ќе започне протестен марш, за чист воздух и здрави деца, во организација на еко-активисти и граѓани. Активистите се оградуваат од политичките партии и бараат од градската и централната власт итно остварување на 17 барања.
Меѓу нив најитни се: воведување на пар-непар денови за моторните возила. Забрана за движење на возила кои што се без катализатори за издувни гасови. Бесплатен градски превоз цела зима. Итна набавка и бесплатна поделба на маски со потребни стандарди за заштита со потребни димензии за сите граѓани, вклучувајќи ги и децата на Скопје. Зголемен број инспекциски контроли за начинот на греење на граѓаните. Обезбедување бесплатен огрев за граѓаните кои се грејат со горење гуми и други штетни материи. Ненајавени контроли на оџаците на индустриските капацитети, кои (се сомневаме дека) загадуваат. Привремена забрана за работа на сите индустриските капацитети, коишто го загадуваат воздухот.
„Загадувањето на воздухот е најголемо досега. Дури и до 20 пати над нормалата! Болестите и смртноста, поради загадениот воздух драстично се зголемуваат. Најмногу страдаат децата, кои секојдневно се движат, одејќи на училиште или во градинка, но и сите граѓани кои живеат и работат во Скопје. Локалните и централните власти не преземаат ништо. Демонстрираат тотална негрижа за здравјето и животот на населението“, реагираат еко-активистите во дописот до медиумите.
Тие бараат и итно формирање кризен штаб во Центарот за управување со кризи, којшто ќе ја следи состојбата и ќе предлага и презема итни мерки против загаденоста на воздухот. Едновремено, бараат да се запрат градежните работи во Скопје и почесто и потемелно чистење на улиците од улична прашина. Инсистираат и на почести полициски контроли на возила, што носат нечистотија на гумите, особено такви коишто излегуваат од градилишта.
За остварувањето на сите овие барања, како и за редовни контроли - со цел извршување на обврските за чистење на јавните површини околу градилиштата, еко-акивистите им даваат рок на градската и на централната власт до 3-ти јануари. А, за останатите четири екобарања даваат краен рок - 5 дена по конституирањето на новиот состав на Собранието. Еко-активистите имаат намера барањата да им ги вратат лично на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски и на премиерот Емил Димитриев.
Протестниот марш, според агендата, од фонтаната во Градскиот парк, ќе продолжи пред просториите на Град Скопје, а оттука, по „Илинденска“, ќе заврши пред Владата.
Оваа вест е достапна и на: Albanian