ЦИВИЛ – Центар за слобода организира два настани и тоа: прес конференција со најава на клучните активности во наредните неколку недели (во 12:30 часот), како и панел дискусија „Обезглавена Македонија“ (13 часот), петок, 13 јануари, во хотел Сити Парк, Скопје.
На прес конференцијата со почеток во 12:30 часот, ЦИВИЛ ќе потсети на главните постизборни препораки и ќе го најави објавувањето на финалниот извештај од изборното набљудување и активностите поврзани со наодите од изборното набљудување. Понатаму, ЦИВИЛ ќе ги најави и: промоцијата на документарниот филм за Караванот на слободата, доделувањето на наградите за граѓанско новинарство, конференцијата по повод списанието „Стеснување на просторот“, а ќе го претстави и официјалниот почеток на медиумските проекти, информативните портали на ЦИВИЛ Медиа.
На прес конференцијата ќе се најави и почетокот на долгорочниот изборен мониторинг на претстојните локални избори.
Прес конференцијата ќе трае 25 минути.
Панел дискусијата „Обезглавена Македонија“ ќе започне во 13 часот и ќе опфати три области: „Коалициски комбинаторики“, „Етнички (дис)баланс“ и „Дали ЕУ и НАТО се опција за Македонија?“. Воведни излагања ќе имаат д-р Сашо Орданоски, политички аналитичар и универзитетски професор, д-р Малинка Ристевска Јорданова од Институт за европска политика и Рамадан Рамадани, универзитетски професор и колумнист во неделникот „Фокус“.
Модераторки на панел дискусијата ќе бидат Дијана Тахири и Марија Теговска од ЦИВИЛ, а во дискусијата ќе се вклучат и други претставници на ЦИВИЛ, меѓу кои и Петрит Сарачини, Синиша Станковиќ и Џабир Дерала.
На панел дискусијата се поканети и претставници на граѓанското општество, политичките партии, медиумите и заинтересираните граѓанки и граѓани.
Се очекува вклучување и на онлајн заедницата која преку Твитер и Фејсбук профилите на ЦИВИЛ ќе можат да учествуваат со свои прашања и коментари.
Оваа вест е достапна и на: Albanian