„Живко Митревски доскорешниот претседател на Сојузот на синдикати на Македонија, не само што Советот на ССМ го разреши од функцијата, туку Синдикатот на УПОЗ, го исклучи од своите редови. Неговото однесување е спротивно на Статутот на Синдикатот по многу основи и овој е уште еден црвен картон за Митревски“, изјави за Грин ЦИВИЛ, Пеце Грујовски, претседател на синдикатот на УПОЗ.
Според Грујовски политичките игри се причините што новоизбраниот в.д. претседател на ССМ, Дарко Димовски од 13-ти ноември до денеска, не е впишан во Централниот регистар.
„На 13-ти ноември, 28 од вкупно 52 членови на Советот на ССМ, согласно Статутот, го разрешија Митревски од функцијата претседател, поради активностите кои ги преземаше подолг период: самоволие, носење одлуки без кворум, одлучување кога има кворум, но не со доволен број гласови, финансиски злоупотреби... Но, тој и по еден ипол месец не ја напушта функцијата“, вели Грујовски.
За неполн месец пак, истекува законскиот рок, кога Советот на ССМ на нова седница, треба да го именува Димовски - од вршител на должноста претседател, на функцијата - претседател. Адвокатите на Синдикатот поднеле, според Грујовски, кривична пријава против надлежните во Централниот регистар, за незаконското постапување во случајот „Митревски-Димовски“, откако добиле потврда од Основното јавно обвинителство дека нема законски пречки во Централниот регистар да биде впишан новоизбраниот в.д. претседател.
М. Талеска
Оваа вест е достапна и на: English