„Реформи“ во медиумите на дело: МПМ дели откази за новинари!

Можеби во кризниот период за печатените медиуми, отказите на дваесеттина новинари и технички кадри од медиумите на Медиа Принт Македонија - МПМ, не ќе беа топ-вест, доколку токму во овој период, партиите-потписнички на Договорот од Пржино, не ветеа реформи во медиумите, кои треба да го стопираат клиентелистичкиот однос на релација: политика-медиуми, и да се врати новинарството на некогашната позиција во македонското општество, како еден од трите клучни услови за предвремени слободни и фер избори.

Според најавите, утре попладне се очекува најавените законски измени (за Влада, за медиуми, за МВР) да бидат ставени на дневен ред во Собранието. Но, тоа ништо нема да смени во статусот на досегашните вработени во МПМ, кои остануваат практично, на улица.

drh

Менаџментот на МПМ тврди дека причините за отказите се економски и дека не се избркани 20-мина (како што објавија утрово дел од медиумите), туку вкупно, 18 вработени.

„Отказите на 18 новинари и технички кадри се исклучиво од економски причини“, кусо изјави за ЦИВИЛ Медиа, Александар Динев, еден од управителите на МПМ.

Тој ги избегна сите други одговори на поставените прашања, со изговор дека нема време. Одби да го прокоментира и на прашањето - зошто отказни решенија се делат токму во време, кога медиумите треба да го дадат својот придонес кон објективното и балансирано информирање на јавноста, што пак е услов за кредибилни избори.

Најголем број отказни решенија се поделени на вработени во дневниот весник „Вест“. Според извори на ЦИВИЛ Медиа, раководството на МПМ донело одлуки за откази на одредени позицииво редакциите, а конкретните имиња ги донесувале раководствата во редакциите.

Главниот уредник на „Вест“, Горан Петрески кој е на годишен одмор, не успеавме да го контактираме. Заменик уредничката Јасмина Миронски ни изјави дека одлуките за откази се донесени уште пред еден месец.

„МПМ од економски причини врши рестрикција на кадри. Не сум лично инволирана во кадровските решенија, ниту знам по кој критериум и кој ја вршел селекцијата. Но, новите кадровски промени нема да се рефлектираат врз квалитетот на работата на весникот, зашто дел вработените и досега ништо не работеа!“, изјави Миронски за ЦИВИЛ Медиа.

тфг

Еснафските асоцијации - Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) се огласија со свои реакција по последните откази во МПМ. Според ЗНМ, отказите се смислен удар врз професионалното новинарство и слободата на медиумите, а МПМ е типичен пример како медиумите се користат како монета за поткусурување, задоволување на интересите на нивните сопственици и власта.

„По смената на главниот уредник Горан Михајловски, со новите откази, менаџментот се пресметува со новинарите основачи на весникот, кои не дозволуваат да се злоупотреби новинарството поради интересите на власта. Откако новиот уредувачки тим не успеа да го искористи старото руво на ‘Вест’, за да се протурат ставови на власта, менаџментот се реши да го умртви весникот. Со откази, менаџментот на компанијата не ги решава причините на кризата. Само во недемократски земји, медиумите се жртвуваат поради клиентелистичките односи на политиката и бизнисот“, стои во реакцијата на ЗНМ.

Според ССНМ, причините за лошите финансиски резултати,  МПМ треба да ги бара во лошото менаџирање, а не - вработените да ја платат цената.

„Клучот е во производство на слободен новинарски продукт, ако тоа го забраните - сте го осудиле медиумот на бавна смрт. Синдикатот е апсолутно, недвосмислено против отпуштањата и тоа им е кажано и на претставниците на менаџментот  и на последната средба. Ние сме и против начинот на бодирање, што му дава неограничена слобода на главниот и одговорен уредник, кој изврши бодирање и замина на одмор, за - претпоставуваме - да не мора да ја сведочи егзистенцијалната драма која ја предизвика  со своите бодови,  коишто овозможија  да бидат отпуштени самохрани мајки со децениски стаж во весникот и професионалци пред пензија“, реагираат од ССНМ.

13522685_10153879735093740_427282153_n

Но, за Македонската асоцијација на новинари,отказните решенија на вработените од „Вест“ се извршени согласно професионални стандарди.

„Важно е дали правно-формално се почитувани професионалните и социјалните стандарди и дали истите се однапред и јавно познати за вработените во МПМ.
Од професионалните стандарди, што е предмет на интерес на МАН, истите се почитувани со тоа што 50% од бодовите се добиваат според професионалните квалитети на вработените. Воедно, МПМ навремено им најави на вработените дека се подготвува нова систематизација“, стои во писмената изјава на Ивона Талевска, претседател на Извршен одбор на МАН, испратена до ЦИВИЛ Медиа.

МПМ подолг период го намалува бројот на вработени, меѓу нив, и квалитетни новинарски кадри, кои се бренд во македонската новинарска фела. Платите и хонорарите на вработените и дописниците се намалени повеќекратно, откако МПМ, од германска компанија ВАЦ, го откупи групацијата Орка Холдинг. Оттогаш, се чини дека медиумите уште повеќе ја загубија својата медумска независност. Уредувачките политики се менуваа, а просторот на објективно новинарство се стеснуваше. Денес, од некогашните медиумски брендови и најтиражни дневни весници – „Вест“, „Дневник“ и „Утрински весник“, останаа само архивите како потврда за квалитетот на новинарскиот занает, а по кадровските ампутации и финансиските рестрикции, весниците имаат речиси целосно провладина уредувачка политика.

 

Моника Талеска