„Тоа што треба да се убедуваме со Управата за безбедност и контраразузнавање дали треба да се спроведе судска наредба е преседан. Се прашувам каква порака испраќаат до граѓаните луѓето од УБК, кога државна институција не почитува судска наредба и бара изговори зошто судската наредба не може да се спроведе “, изјави јавната обвинителка Ленче Ристоска на денешната прес-конференција, осврнувајќи за на настаните кои се случија во текот на вчерашниот ден, откако континуирано СЈО е блокирано во просториите на УБК.
Пред да одговори на новинарските прашања, Ристоска се обиде да ги пренесе проблемите и опструкциите со кои се соочуваа СЈО овие два дена. Јавната обвинителка потсети дека доказите се бараат од УБК од 8-ми март 2016 година, но и покрај законската обврската УБК позитивно да одговори на ова барање, тоа не се случило. Поради тоа, од СЈО побарале судска наредба.
„Двете лица кои работат во техничкиот дел во УБК, во моментот не се во државата. Во УБК не известија дека тие се единствените двајца кои можат да влезат во системот за следење на телекомуникациите. Од УБК нé известија дека денеска ќе ги вратат во државата и очекуваме тоа да се случи, по што се надеваме дека што ќе се пристапи кон извршување на наредбата“, информираше Ристоска, која изрази загриженост за тоа како двете единствени лица кои можат да пристапат до потребните материјали, се отсутни од државата и што би се случило во вонредна ситуација.
„Податоците кои ги бараме во УБК се од круцијално значење за да се утврди кои телефонски броеви биле следени. Специјалната Јавна обвинителка со тим од СЈО во моментот е таму и ќе останат се додека не добиеме пристап до системот. Ова е нов систем, од март 2015 година, кој мора да се провери за да се види дали се настанати злоупотреби и на овој систем, откако стариот систем е уништен“, посочи Ристоска.
Одговарајќи на новинарски прашања Ристоска демантираше дека СЈО се интересира за активните посебни истражни мерки и дека бараат нивен прекин. Исто така, Ристоска посочи дека обвинувањето дека на овој начин се загрозува безбедносниот систем, се неосновани, затоа што СЈО со доверливите податоци работи внимателно и дека во Обвинителството се свесни за сензитивноста и одговорноста на институциите. Обвинителката одговори дека не ги контролираат влезовите на УБК, како превенција од незаконско изнесување на доказите, дека уништувањето на службените информации е кривично дело, но и дека се надеваат оти до такво нешто нема да дојде.
Марија Теговска
Камера: Моника Талеска
Оваа вест е достапна и на: Albanian