Ременски: За 22 дена во јануари, Фондот за ПИОМ има дефицит од 662 милиона денари!

Со цел да придонесе кон политичкиот дијалог во општеството во пресрет на вонредните избори во 2016 година, ЦИВИЛ – Центар за слобода започна со серија интервјуа со членови на Владата. Во рамките на тие активности, во вториот круг интервјуа  со министри, екипата на ЦИВИЛ Медиа разговараше со министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска – Ременски.

Ременски за ЦИВИЛ зборува за разрешувањето на 15-темина директори и за реакциите на таа нејзина одлука, за тужбите кои против неа ги поднесува заменик министерот Диме Спасов и за врмените мерки на Управниот суд, како и за милионските долгови на Фондот за ПИОМ.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=7IC4zh044C0[/youtube]

ЦИВИЛ Медиа:  По спроведениот вонреден инспекциски надзор, за што разговаравме во првото интервју, како министерка за труд и социјална политика, на 15 директори на јавни установи – центри и меѓуопштински центри за социјална работа, три заводи и еден дом, им доделивте  решенија за разрешување. Кои беа причините за оваа одлука, и што очекувате да постигнете?

РЕМЕНСКИ: Разрешувањата што се случија на 11-ти јануари оваа година, се направени врз основа на неисполнета законска обврска на директорите, за потпишување на менаџерски договор со министерот, во време кога за директори на јавни установи биле избрани на јавен оглас. Се работи за периодот  2014-2015 година, кога мојот претходник го вршел изборот на директори, но не ја завршил до крај законската обврска, избраните директори да потпишат менаџерски договор. Ние им понудивме на директорите да си ја исполнат задоцнетата обврска, но се соочив со несоработка од страна на директорите во делот на договорање за начинот како ќе се пристапува кон потпишување на менаџерски договор. Се остварија услови во кои се согледа дека тие почитуваат друга директива, наспроти законската обврска. Го направивме разрешувањето на директорите во тој дел на неисполнување на законската обврска.

Дел од тие директори беа разрешени и заради неисполнување на законската обврска од Законот за социјална заштита, што ги обврзува да поднесуваат годишен извештај за работата, меѓутоа, и годишен извештај за материјалното и финансиско работење, во кој ќе бидат содржани сите ставки во делот на трошење на сите средства во јавната установа по однос на сите расходи што ги прави јавната установа во однос на граѓаните и кон други субјекти. Беше формирана комисија на Министерството, во делот на надзорот над законитоста на сите јавни установи од социјална заштита и во делот на прописите и општите акти на установите, одлуката на управните одбори и актите донесени од  директорите. Оваа комисија ја формиравме на 25-ти декември и веќе ги имаме извештаите од спроведените надзори над јавните установи. И врз основа на овие извештаи, верувам дека ќе има и други разрешувања на директори, затоа  што директорот по закон е должен да се грижи за законитоста на работењето на јавните установи. Оттука, сé што произлегува како наод врз основа на увидот, ќе биде и основа за разрешување на одговорните директори.

Јас тука не зборувам само за одговорност на директорите, зборувам и за одговорност и на претседателот на Управниот одбор, кој исто така, според Законот за социјална заштита има обврски да се грижи за законитоста на работењето на јавните установи и во делот на поднесување на финансиски и годишен план за работењето, што претставува и еден вид на обврска на директорите да ги исполнат тие планови, акти и заклучоци, што ги носи Управниот одбор. Во овие извештаи кои ги добивме од спроведениот надзор и Управниот одбор не ја врши до крај и во целост обврската што ја има согласно закон, во делот на управување со јавните установи, а оттука произлегува и неисполнување на голем број на обврски, на директорите како раководни органи во јавните установи. Оттука, кога зборувам за контролниот надзор и за овие разрешувања кои им се случија на директорите по однос на менаџерските договори, сакам да ја направиме таа дистинкција. Директорите кои не потпишале менаџерски договор, не само овие 15, туку и другите кои исто така, не потпишале договор, имаат законска обврска, бидејќи до денеска не се појави никаков интерес од страна на директорите, иако беше нотирано и во медиумите. Мојот претходник во нивна одбрана зборуваше дека тие воопшто не одбиле да потпишат договор, туку било прашање кога ќе го потпишат, но еве, еден месец по разрешувањето на директорите токму по тој основ, јас како министер не видов никаков интерес од директорите кои ги имаат менаџерските договори дома, тоа да го направат. Тоа е уште еден чуден гест од страна на директорите, бидејќи доминираат некои други одлуки во делот на нивното постапување,  но не и нивна законска обврска тоа да го направат, согласно закон. Во наредниот период, ние ќе ги направиме и останатите промени по повеќе основи, во делот на ова што го зборував претходно, и не ја исклучувам можноста, заедно со некој акт на разрешување, да биде проследена и пријава до одговорните за несоодветно постапување и работење, за што имаме сериозни докази

ЦИВИЛ Медиа: Во изминатиот период, серија тужби беа поднесени против Вас од заменик-министерот Диме Спасов, а од Управниот суд, беше донесено решение за времена мерка. Дали тужбите ги сметате за притисок и како влијаат врз Вашата работа?

РЕМЕНСКИ: На ова не гледам како на притисок кон работата на министерот за труд и социјална политика, тука препознавам едно непознавање на законот и класично непознавање на правата и обврските кои произлегуваат од Законот за Влада, на кои што се повикува дополнителниот заменик министер, кога ги поднел тужбите до Управниот суд, во делот на спорење на актите со кои министерот ги разреши  директорите или ги именува в.д. директорите. Никој не го спореше правото на дополнителниот заменик министер да ги поднесе тужбите до Управен суд, за да го брани своето право од Законот за Влада да учествува во делот на потпишување на актите заедно со министерот. Но, исклучиво само за прашања кои се поврзани  со организирање на избори. Но, ова прашање не е од областа на организирање на избори, ниту досегашните разрешувања, ниту тие кои ќе бидат направени, туку се дел од една сериозна активност за спроведување на контрола и надзор на законитоста на работењето на јавните установи. Со оглед дека директорите не си ја исполниле својата законска обврска, прво да ги потпишат тие договори, а понатаму да се грижат за законитоста на работењето, тоа не е прашање на избори, туку обврска на министерот да се погрижи, ако нешто не одело во духот на законот, да го врати на колосек и да продолжи да функционира во согласност со законот.

Делот на аргументацијата што е наведена во самите тужби - дека заменикот министер останал без правото да ги донесува решенијата заедно со министерот, е прашање што претходно, требало да биде разгледано пред Државната изборна комисија, бидејќи согласно со Законот за Влада, ДИК е едиствена која одлучува дали некое правно, кадровско прашање е од организацијата на изборите или не. Тужителот, во овој случај, дополнителниот заменик министер, пропуштил да го побара тоа мислење и таа одлука од ДИК, и веднаш се упатил кон Управниот суд.

Управниот суд излегол од рамките на своите надлежности и без да се произнесе за ненадлежен да одлучува за такви прашања, се впуштил во разгледување на жалбите, но и на предлог-решението за времени мерки. Судот ги донесе времените мерки со што на министерот му забранува да преземе правни дејствија по однос на конкретни акти кои се донесени. Се работи за 14 решенија за времени мерки, кои во законски предвидениот рок се поднесени до Виш Управен суд. Очекувам Вишиот Управен суд да ги уважи наводите во жалбите по решенијата за времените мерки, затоа што таму ќе се согледаат сите пропусти кои се направени во фазата на прифаќање на тужбеното барање од тужителот. Очекувам Вишиот Управен суд да го укине решението, затоа што најмалку станува збор за прашања од организација на избори, туку станува збор за неисполнување на законска обврска и на тужителот Спасов и на разрешените директори, во чија што одбрана сега тој се става.

ЦИВИЛ Медиа: Објавивте дека Фондот за ПИОМ уште во првиот месец од 2016 година е 7 милиони евра во минус. Што значи тоа за Фондот и за понатамошното исплаќање на пензиите?

РЕМЕНСКИ: Кога зборуваме за актуелниот проблем со обврската на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување,  навремено и во законски утврден рок од пет дена,  да ги префрли средствата за придонеси до приватните пензиски друштва, проблем кој се актуелизираше на крајот на 2015-та и почетокот на 2016-та година, направивме бројни активности во минатото, поврзани со обезбедување информации кои ќе ни ги дадат точните показатели за динамиката и за исплатата на пензиските друштва. Но, и во делот на финансиското работење на Фондот, по однос на исполнување на Законот за задолжително  капитално и  финансиско пензиско осигурување. Од самиот почеток се соочивме со некаков вид на необјасливи опструкции кои наметнуваат потреба и од друг вид на интервенции, и дојдовме до сериозни информации кои укажуваат дека во првите 22 дена од месец јануари, веќе е направен дефицит од 662 милиона денари. Ако зборуваме дека овој дефицит е направен во првите 22 дена,  јануари има 31 ден, а денес сме 10-ти февруари, зборуваме за информации кои во овој момент можеби се застарени или дефицитот е многу поголем, во прашањата на месечните обврски за трансфер кон крајните корисници, дали се тоа пензионерите, пензионерските друштва, односно членовите... Сé ова зборува дека уште на самиот почеток на фискалната 2016-та година,  се влегува со дефицит во буџетот на ПИОМ, кој што во месеците од 2016-та, ќе се провлекува постојано, со тенденција да се зголемува. Тоа ќе бара интервентно финансиско вбризгување во буџетот на Фондот во делот на исполнување на обврската кон крајните корисници.

Марија Теговска

Камера и фотографија: Атанас Петровски и Дехран Муратов

Монтажа: Никола Угриновски