„Често народот знае својот глас да го 'продаде' за 10 или 20 евра, за 'кило месо кое било расипано', па дури и за едно кафе...,“, е едно од низата сведоштва што беа изнесени на дебатите, кои група млади Роми-активисти ги организираа во неколку општини во Македонија, изјави на прес-конференција Акиф Кариман, еден од активистите на граѓанската иницијатива „Ромски глас“.
Тој вели дека во текот на изминатиов период иницијативата започнала со кампањата „Поголема правда за Ромите“, со што се отворила можност за ромската заедница во Република Македонија да се изјасни во однос на актуелната политичка криза и ромскиот глас да биде слушнат. За остварување на целта, формиран е онлајн веб-портал „Ромски глас” на кој можат да се најдат сведоштва на анонимни граѓани, колумни, есеи и други вести поврзани со оваа проблематика. Истовремено, формирани се локални тимови во шест градови во Македонија за теренска работа, рече Кариман.
Активистите во изминатиот период одржаа јавни дебати во Скопје, Штип, Тетово и Дебар на тема „Политичката криза во Македонија и Ромите“. На одржаните дебати учествувале стотина Роми и Ромки кои изнеле интересни ставови и размислувања во однос на слабостите и недостатоците на државниот систем, во поглед на оранизирањето на слободни, фер и демократски избори, кои според нив, постојат од самото осамостојување на Македонија до денес. На дебатите имало поплаки од граѓаните дека нивниот глас никој не го слуша, дури ни ромските политички претставници.
„Учесниците на дебатите истакнаа дека Ромите неретко живеат на работ на егзистенцијата и дека нивните социјални проблеми се користат од политичките партии само пред и за време на избори, бидејки Ромите се гледани како гласачка машинерија“, истакна Кариман.
На прес-конференцијата, активистите на „Ромски глас“ изнесоа податоци за манипулации со ромските гласови, за кои и ЦИВИЛ – Центар за слобода во изминатите неколку изборни процеси ја алармираше јавноста.
Активистите прочитаа неколку цитати од граѓаните кои учествувале на дебатите:
„Јас имам идеја да се отвори во Шуто Оризари една канцеларија на ВМРО-ДПМНЕ и секој што ќе сака да се вработи, да оди директно таму, а не кај ромските политички партии, бидејќи само така нема да може да не уценуваат за гласови“ (граѓанин, 35 години)
„Политичките партии ни ветуваат мед и млеко за време на изборите, дека ќе не вработат, а потоа, никогаш ветувањата не биле исполнети. Често народот знае својот глас да го продаде за 10 или 20 евра, за кило месо кое било расипано, па дури и за едно кафе” (граѓанин, 23 години)
„За време на изборите, политичарите ни ветија дека ќе ни обезбедат сместување, односно социјални станови. Откако гласавме, не добивме ништо, туку и тоа живеалиште што го имаме мораме да го напуштиме, затоа што ќе се смести некое друго семејство, а ние ќе останеме на улица“ (граѓанка, 50 години)
Покрај дебатите, тимот на иницијативата спроведе три онлајн и теренски анкети, со над петстотини анкети. Според резултатите, анкетираните Роми сметаат дека во Македонија има сериозна политичка криза и потецнираат дека се засегнати и загрижени за тоа како истата ќе биде решена во иднина. Тие сметаат дека политичарите мора да го слушнат гласот на граѓаните и со заеднички напори и во соработка со меѓународната заедница да се изнајде решение за излез од кризата.
„Анкетираните одговорија дека на последните локални и парламентарни избори излегле на гласање и дека најчесто за нивниот глас добивале пари (10-20 евра), или им било ветено вработување. Најголемиот дел од анкетираните не им веруваат на институциите и сметаат дека нивниот глас ќе биде искористен, без разлика дали ќе гласаат или нема да гласаат“, изјави Арифе Шакири, активистка на граѓанската иницијатива „Ромски глас“.
„Од сето ова произлегува потребата од отварање на простор за дебата - дебата во која нема победници и губитници, нема силни и слаби страни, туку дебата во која сечиј глас е еднакво слушнат, разбран и важен. Македонија треба да излезе од актуелниот предизвик како конзистентна и интелигентна држава. Ние, Ромите, преземаме одговорност да придонесеме во остварување на ваков исход од политичката криза“, изјави Кариман.
Од иницијативата „Ромски глас“ истакнаа дека и во иднина ќе продолжат со организирање на јавни дебати со граѓаните и политичките претставници, со цел Ромите да ги знаат избирачките права и да не бидат манипулирани како на претходните избори.
Дехран Муратов