Само слободни избори се шанса да се врати владеењето на правото

Цврсто сме убедени дека дадениот рок за подготвување на предвремени парламентарни избори во април 2016 е премногу краток. Наша силна препорака е да се продолжи овој период до 18 месеци или повеќе, со цел да се создадат потребните услови за слободни избори. Поточно, препорачуваме овој период да се смета од денот на формирање на преодната влада – беше една од препораките на ЦИВИЛ -  Центар за слобода, објавени на 9 јуни 2015 година, со кои баравме итни мерки за надминување на политичката криза и враќање на демократијата во Република Македонија.

Седум месеци подоцна, Македонија сѐ уште е растргната од политичката криза, дополнета со агресивни и валкани политички кампањи, силен притисок врз гласачкото тело, медиумска манипулација и злоупотреба на јавните ресурси и администрацијата. Ситуацијата во Македонија не се подобрува, а партиите на власт остануваат глуви за сите барања и препораки на ЦИВИЛ и и низа релевантни организации на граѓанското општество и експертската јавност. Партиите на власт и понатаму ги кршат човековите права и ги задушуваат слободата на изразувањето и медиумските слободи.

Наспроти Договорот за надминување на политичката криза (Пржино 2 јуни/15 јули) со посредство на меѓународната заедница со кој премиерот Никола Груевски презеде обврски да спроведе итни реформски зафати во клучни области поврзани со владеењето на правото, медиумите и изборните процеси, тие не само што не се спроведени, туку злоупотребите и недемократското владеење само се продлабочија во текот на минатата година.

19 001 sinking voterЦИВИЛ и пред девет месеци бараше оставка на целата Влада, како единствен логичен завршеток на политичката криза, одговорност за злоупотребите и криминалот за кои има индикации во прислушуваните разговори кои ги објави опозицијата, а дури потоа да са воспостави привремена експертска влада која ќе спроведе брзи, но суштински реформи.

Тој процес подразбира ревизија на Изборниот законик, промена на изборниот систем со кој Македонија ќе биде една изборна единица и воведување отворени листи, прочистување и подобрување на Избирачкиот список, реформа на Државната изборна комисија, одвојување на партијата од државата, реформи во медиумите и медиумската регулација со цел да се елиминира партискиот диктат врз медиумите, формирање комисија или институција за истрага врз основа на прислушуваните разговори, истрага за безбедносната криза во Куманово, а на крајот од тој процес, да се спроведат слободни избори.

Преговорите не даваат резултати, а на власт останува најголем дел од структурата врз која никој не може ни да помисли да спроведе каков и да е облик на демократска, граѓанска контрола. Тоа е структурата која е директно одговорна за долгогодишната политичка криза и за ерозијата на демократијата, владеењето на правото и човековите права.

Накратко, со ваква имплементација на политичкиот договор, агонијата на Република Македонија само се продолжи.

Поточно, остана во функција машинеријата со која раководат Никола Груевски и неговиот братучед Сашо Мијалков, кој само формално ја напушти фунцкијата директор на Управата за безбедност и контраразузнавање. Режимот на Никола Груевски продолжи со добро познатите практики на злоупотреба на администрацијата и јавните ресурси, политичка корупција и медиумски манупулации.

Водени од искуството од долгорочното набљудување на изборите, на социополитичките процеси и на состојбата на човековите права и слободи во Македонија, ЦИВИЛ и пред девет месеци инсистираше на спроведување на приоритетните мерки, кои се надоврзуваат на низа други барања за кои воопшто не стана збор за време на преговорите.

ЦИВИЛ бара крај на политичкиот прогон уште од 2010 година, ослободување на сите политички затвореници и одржување и на предвремени локални и претседателски избори, истовремено со предвремените парламентарни избори, тогаш кога ќе има минимум услови тие да бидат слободни.

За жал, пропаднаа сите обиди на претставниците на граѓанското општество, меѓу кои и оние од ЦИВИЛ, процесот за надминување на политичката криза да биде транспарентен и да вклучи повеќе засегнати страни, а не само лидерите на четирите најголеми политички партии.

Да потсетиме, политичката криза трае од предвремените парламентарни избори во 2008 година, а кулминираше со „црниот понеделник“ на 24 декември 2012 година, со присилното исфрлување на опозиционите пратеници и на новинарите од парламентот со цел, по секоја цена, да се донесе енормно високиот буџет во сѐ посиромашната Македонија.

timeАко се погледне искуството на ЦИВИЛ само во изминатите три години, а да не говориме за бројни други организации и институции на национални и меѓународно ниво, ќе се забележи дека алармот е вклучен одамна. ЦИВИЛ разоткри голем дел од изборните измами во извештаите „Бескрупулозна борба за власт“ во 2013 година и „Дисквалификувана демократија“ во 2014 година, по што следеа бројни анализи и препораки за состојбите на човековите права и социополитичките процеси. Во таа смисла, може да се издвои анализата и прегледот на предизвици и препораки објавени на 17 септември „Случај Македонија: да се потсетиме“, како и неодамнешните извештаи кои се однесуваат на жестоките политички притисоци врз вработените во јавната администрација и јавните претпријатија, како и засилувањето на партиско-политичките притисоци врз наставниот кадар.

Преговорите на четворицата лидери на најголемите парламентарни партии, навистина доведоа до потпишување на политичкиот договор, но опструкциите од власта за негова имплементација, и понатаму ја загрозуваат и самата идејата за одржување на слободни избори на 24 април.

Едноставно, договорот за надминување на политичката криза се трансформира во награда за премиерот Груевски, средство за продолжување на неговиот политички живот и одржување на недемократските политики и практики во земјата.

Власта продолжува со притисоци, уцени и закани врз опозицијата и врз неопределените граѓани, Груевски ја форсира својата кампања преку медиумите, се задолжува и се однесува раскалашно кон парите на граѓаните со кои, всушност, ја купува токму нивната лојалност. Воедно, во скапа и валкана кампања, ги сатанизира опозицијата, граѓанското општество, а неретко и меѓународната заедница.

Една од главните поенти на агресивниот популизам на Груевски е да прикаже дека ужива широка народна поддршка, дека неговото владеење е повеќе од тоа, дека тој е спасител. Тоа не му е тешко да го постигне со оглед на неограничените ресурси кои ги присвои. На тој начин, освен што спроведува криминални политики, тој ги криминализира и односите во општеството, а самите граѓани ги прави соучесници во сопствената трансгресија.

Затоа, единствената препорака која во овој момент може да се испорача до меѓународната заедница, до Вашингтон и Брисел, е да дадат зелено светло за одложување на изборите, но без одложување на рокот за оставка на премиерот Груевски.

 

 

Сите содржини објавени на онлајн каналите на ЦИВИЛ подлежат под лиценцата Creative Commons 4.0, односно може слободно да се преземаат, споделуваат и преобјавуваат, со линк кон изворот/оригиналот.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish