Шест години од бруталното убиство на Мартин Нешковски

ЦИВИЛ – Центар за слобода ја потсетува јавноста дека на денешен ден, кога се навршуваат 6 години од бруталното убиство на Мартин Нешковски за време на прославата на ВМРО-ДПМНЕ на градскиот плоштад во Скопје по Предвремените парламентарни избори во 2011, сè уште нема правна разрешница и одговорност за функционерите и сите други инволвирани лица кои учествуваа во прикривањето на ова злосторство.

Иако во прислушуваните разговори кои ги објави СДСМ пред две години слушнавме вознемирувачки детали за овој случај,  сè уште нема одговорност на високите функционери во МВР и нивните наредбодавци. Тие два дена се обидуваа да го прикријат овој морбиден настан од јавноста.

Нема командна одговорност за неовластеното присуство на службени лица во обезбедувањето на тогашниот премиер Груевски за време на прославата.

Нема одговорност за полициските службеници, кои воопшто не го евидентирале убиството во книгата за дневни настани во полициската станица.

Нема одговорност за екипата на Брза помош која исто така не го евидентирала своето присуство и интервенцијата на лице место врз починатиот Нешковски.

ЦИВИЛ – Центар за слобода бара од надлежните институции итно да го расветлат докрај овој случај, кој остави црно петно во поновата историја на земјава. Овој случај сериозно ја поткопа довербата на граѓаните во институциите на системот и сведочи за партизирана полиција и партизирано судство. Шест години по убиството на Нешковски, освен пресудата за полицискиот службеник Спасовски, судството молчи за одговорноста на партиските моќници кои учествуваа во прикривањето на овој случај.

Иако Специјалното јавно обвинителство неодамна ги презема објавените материјали за прикривањето на убиството, судски процес за овој случај не е започнат. Апелираме до СЈО темелно да го документира случајот и да покрене соодветни обвиненија за сите инволвирани.