Слободни избори: Толку блиску, а толку далеку

Избори проследени со злоупотреба на политичка моќ, со корупција и со структурно насилство, со партиски вработувања и политички притисоци, со уцени, закани и дискриминација, се далеку од слободни, фер и демократски! За жал, досегашните напори да се создадат услови, секогаш беа - еден чекор поблиску и три чекори подалеку - од вистинското остварување на слободни избори кои јавноста ќе ги проследи без агресивна пропаганда, говор на омраза и контролирани медиуми.

Анализата „Слободни избори: Толку блиску, а толку далеку“ на Џабир Дерала ги опфаќа токму причините за изборните манипулации и влијанието врз социјалната и егзистенцијалната состојба на граѓанките и граѓаните во Македонија.

Во продолжение е интегралниот текст на Џабир Дерала во тројазичната публикација „Слободни избори: Услов за кој не се преговара“, во издание ЦИВИЛ - Центар за слобода:

„Соседи кои не се посетуваат повеќе, браќа кои не зборуваат едни со други, родители кои се плашат да зборуваат за политика пред своите деца, стравувајќи да не кажат нешто на нивните учители во училиште... Причина: длабоко вкоренета партизација на секој аспект од животот на луѓето и широкораспространет страв. Страв од губење на работата, од одмазда, јавно понижување... страв од сиромаштија, од уште подлабока сиромаштија... Понатаму, страв од “другите“, без разлика дали се од друга етничка или верска заедница, држава, сексуална ориентација или... политичка партија! И омраза... Ова не е почеток на сценарио за историски филм. Тоа е реалноста на животот на луѓето во Република Македонија. На тие кои не веруваат во ова, поради географска или културна дистанца, потребни им се само неколку дена престој во земјата за да сфатат дека состојбата е полоша и од самиот почеток на овој текст. И погротескна.

18-001-copy-500x314

Историјата на македонските политички болести може да ја набљудуваме во подолг период, анализирајќи ги од најразлични агли и аспекти, во исто толку контексти, но едно е неизбежно јасно: легитимноста на политичката власт е непостоечка од предвремените избори во 2008 година. Година по година, оваа земја минуваше низ изборни процеси кои го држеа општеството и системот во бесконечна состојба на шок, откривајќи длабоко вкоренети општествени, етнички, религиозни и политички заболувања. За помалку од осум години (2006-2014), земјата мина низ четири парламентарни избори, од кои три беа предвремени. Изборите во земјата се одржуваат во услови на високо политизирани институции, контролирани медиуми и меѓуетнички тензии. Истата партија ги добива изборите секој пат, со речиси истите министри во клучните сектори и истиот човек е избран за примиер и лидер на владејачката партија. А, ден по изборите, започнува нов и скап бран на пропаганда. Целиот политички амбиент во Република Македонија се одвива во тензичен изборен контекст.

Политичката криза почна многу порано од тоа што се наведува во извештаите. Насилното исфрлање на опозициските пратеници, од специјалните полициски сили на 24 декември, 2012 година, беше само една од точките на кулминациja на долготрајната политичка криза. Опозицијата откри дека околу 26,000 граѓани биле незаконски прислушувани во акција нарачана од премиерот Никола Груевски и Сашо Мијалков, шеф на службата за државна безбедност. Тоа е факт. Прислушуваните разговори укажуваат на сериозни кривични дела, злоупотреби, корупција и изборни измами спроведени од највисоките политички и владини претставници. Тоа е факт.

Илустрација: Мирослав Стојановиќ

Парламентот беше практично нефункционален сé до септември, 2015 година, поради неколкуте бојкоти на опозицијата од кризата во 2012 година, а особено, по парламентарните избори во април 2014 година, чии резултати беа оспорени. Парламентот е практично нефункционален и во јули 2016 година, кога се привршува овој извештај. Изборите мора да се слободни. Тоа е крајната цел. Ваквата изјава, сепак, за просечниот европски граѓанин мора да звучи помалку необична, затоа што нема никаква смисла да се има избори доколку истите не се слободни. Срамно е постојано да го слушаме овој повик за слободни избори со години, во земја која што тоне во својата досега најдлабока политичка криза. Едноставно, изборите се сé, освен слободни, особено од 2008 година, па наваму. Тоа е годината во која, повеќе или помалку, дебатата беше збришана од јавната сфера. Наместо тоа, се воведе безмилосна, вулгарна и агресивна пропаганда. Договорот за надминување на политичката криза (2 јуни), посредуван од меѓународната заедница и потпишан од четирите политички лидери,  владејачката коалиција и опозицијата (во речиси истиот амбиет како кога се потпишуваше Охридскиот договор, 2001 година) – воведе сложен и турбулентен политички процес исполнет со многубројни драстични промени на политичката ситуација, повеќекратно одложување на датумот за избори, опструкции на политичките процеси, безбедносни предизвици и низа други политички и општествени растројства. Враќањето на опозицијата во парламентот и назначувањето на министри и заменици министри од опозицијата во клучни владини сектори, беше еден од договорените услови за обезбедување на слободни избори. Но...

Злоупотребата на моќ, структурното насилство и политичката корпуција продолжија со несмалено темпо, и покрај сите напори за изнаоѓање решение за политичката криза. Продолжија и јавното понижување и сатанизацијата, апсењата и прогонот на граѓански активисти, бранители на човековите права, интелектуалци, лидери на политичката опозиција, како и на новинари. Згора на сето тоа, сведоци сме на постојани и скриени манипулации, говор на омраза и сериозни закани во јавните настапи на политичките претставници. Не е само политичката моќ таа што се наметнува врз клучните институции во државата. Целата земја е под болна контрола, до најситниот детаљ. Здравството, образованието, културата, безбедноста, здравствената заштита – сé е ставено под контрола на партиските апаратчици, кои ги извртуваат или злоупотребуваат законите и прописите во корист на партиските шефови. Стравот и несигурноста меѓу граѓаните се широко распространети, како и политиките и практиките на дискриминација и кршење на човековите права, вклучувајќи ги и гласачките права. Гласачите немаат познавањa или не ги препознаваат сопствените гласачки права. Тие потклекнуваат на предрасудите и заблудите за тоа што, всушност, значат поимите демократија и избори. Плашејќи се за толку многу работи, изманипулирани и заплашени, голем дел од гласачите се само неми субјекти на манипулативните практики кои ги спроведуваат политичките партии и партизираните институции.

12472600_951453908306412_6937717187599821897_n

 

Создавањето нереални очекувања со ветувањето за работни места, кои не можат реално да се ветат, се чини дека е најомилената алатка на политичарите во земјава. Многу од ветувањата се практично воведување на политичка корупција и тоа во огромни размери. Такви се ветувањата дека ќе се создадат повеќе работни места, повеќе придобивки, повисоки пензии... Ветувањата за нови работни места по изборите имаат уште една димензија, покрај тоа што се испорачуваат со коруптивни манири. Особено во овој период на политичка криза и одложување на изборите. Тие на кои им биле ветени работни места по изборите, се предмет на манипулации, убедени дека опозицијата, граѓанските организации и “странците“ се виновни за одложување на нивното вработување. Така, некои од тие на кои им се ветени  работни места, доброволно учествуваат на контра протестите и се вклучуваат во жестоката партиска пропаганда и мобилизација. Имајќи ги предвид неуспесите и опструкциите на Договорот за надминување на политичката криза, прекинот на преговорите за неговото спроведување, постојаните опструкции на работата на Специјалното јавно обвинителство, силната контрола на власта врз медиумите, како и мошне проблематичното работење на Државната изборна комисија, особено во доменот на Избирачкиот список, сосем е јасно дека услови за слободни избори не се создадени и воопшто не се ни создаваат.

Понатаму, одлуката на Уставниот суд да го овласти претседателот да помилува лица кои извршиле изборен фалсификат, за веднаш потоа да следи и одлуката на претседателот Иванов за помилување на високо рангирани политичари, вклучувајќи го и премиерот, осомничени, или обвинети за злоупотреба, корупција, криминал и изборни измами – беше тежок врз процесот за враќање на демократијата и владеењето на правото во земјата. По аболицијата што ја потпиша претседателот Иванов на 12 април, започнаа масовни протести низ целата земја. Иванов ја повлече, во два дела, својата озлогласена аболиција по двомесечните протести, но со говор во кој речиси отворено се закани со воен удар со цел “да се разреши политичката криза“. Сето тоа постави огромни препреки за спроведување на временски ограничените процеси и активности за обезбедување услови за слободни избори и непречено работење на Специјалното јавно обвинителство.

13582318_150052208736488_510187070_o-702x336

 

Набљудувачите на ЦИВИЛ известуваа за голем број случаи на злоупотреба и политички притисоци, закани и заплашувања. Злоупотребата на ранливите категории на граѓани, пред сѐ, на социјално ранливите категории на граѓани продолжува и понатаму. Медиумите не известуваат за било кој од овие наоди, а луѓето се држат во мрак. Сето ова мора да се земе предвид во следниот период. Земјата, најверојатно, ќе мора да мине низ предвремени парламентарни избори во 2016 година, додека редовниот термин за локалните избори допрва ќе претставува предизвик во пролетта во 2017 година. ЦИВИЛ располага со сеопфатен, но и воедно вознемирувачки извештај од изборното набљудување на локалните избори во 2013 година.

Предизвиците се натрупуваат. Ревизија на Изборниот законик, измени во изборниот систем со кои Македонија ќе стане една изборна единица, воведување на отворени листи, темелно прочистување на Избирачкиот список, реформи во Државната изборна комисија, одвојување на партијата од државата, слобода на медиумите, формирање на институција за истрага врз основа на прислушуваните разговори, истрага за безбедносната криза во Куманово и спроведување слободни избори на крајот од тој процес – беа барањата на ЦИВИЛ уште во деновите кога кулминира политичката криза на почеткот на 2015 година, но и претходно. Ние се обидовме, на конструктивен начин, да дадеме предлози до институциите и носителите на одлуки, заедно со активностите на многу други организации и експерти во истата насока. Некои од препораките беа прифатени, одредени чекори се преземени, што дава надеж дека состојбата во земјата може да се подобри. Но, потребно е да видиме повеќе труд, поголема посветеност и поголема чесност од носителите на одлуки и од политичарите во земјава, за конечно да ги оставиме тешките денови зад нас“.