На денешната прес-конференција, Специјалното јавно обвинителство го презентираше деветтиот случај „Таргет“, трета истрага за прислушувањето, по „Тврдина“ - за уништувањето на опремата за прислушување, за која е изготвен обвинителен акт и истрагата за уништување на службените документи поврзани со големата афера. Во „Таргет„ се осомничени 10 лица, вработени во УБК, кои „преку злоупотреба на системите за следење на комуникациите, незаконски прислушувале и ги повредиле основните човекови права и слободи на граѓаните“
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, денес изјави дека наместо да ја штити, државата ја загрозувала приватноста на граѓаните. „За жал, оваа обврска не се почитувала, напротив, се злоупотребувала од посебно важна институција и тоа од Управата за безбедност и контраразузнавање, од службените лица кои работеле таму, со средства - сопственост на Република Македонија“.
На конференцијата беше соопштено дека Управата за безбедност и контраразузнавање незаконски прислушувала најмалку 5.827 телефони, меѓу кои имало политичари од опозицијата и од власта, новинари и бизнисмени, во периодот од 2008 до крајот на 2015. Според досега обработените податоци, експремиерот Никола Груевски не бил прислушуван, а снимен е во разговори со лица чии телефони биле прислушувани.
Но, за разлика од него, покрај челникот на опозицијата Зоран Заев и лидерот на коалициониот партнер во власта - ДУИ, Али Ахмети, според специјалната обвинителка Ленче Ристовска, биле прислушувани и министри од владата на ВМРО-ДПМНЕ. како Гордана Јанкуловска и Миле Јанакиевски. Двата броја на претседателот на ДПА, Мендух Тачи, незаконски биле прислушувани 1.257 денови, а комуникациите на Муса Џафери од ДУИ, незаконски биле следени 1.658 денови.
Специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи посочи дека една од последиците на незаконското следење на комуникациите е повредата на правата на лицата чии комуникации биле следени без судска наредба. Како пример ја наведе и новинарката Мери Јордановска, која била незаконски прислушувана во периодот од 15 февруари 2014 година, до 10 март 2015 година. Во 2014-тата, таа како новинар и набљудувач на ЦИВИЛ ги следеше предвремените парламентарни избори и претседателските избори. Горан Михајловски, уредник на сајтот „Сакам да кажам“, како главен и одговорен уредник на дневниот весник „Вест“, бил прислушуван од 1 февруари 2013 до 10 март 2015 година, а двата броја на новинарот Борјан Јовановски биле следени од 31 февруари 2010 до 10 март 2015.
Во СЈО, како што изјави Фетаи, имаат докази за тоа кој и како прислушувал. По сите партиско-медиумски спинови, за вмешаност на странски служби, „жолти комбиња“, и лицитирања со имиња на предавници, според СЈО, прислушувала УБК. Прислушувањето се вршело преку три различни системи за прислушување, еден во 2008, вториот од крајот на 2008 до почетокот на 2015, и третиот, во текот на целата 2015 година. Имајќи ги предвид телефонските броеви со кои нелегално прислушуваните комуницирале, се доаѓа до бројка над 20.000 нелегално прислушувани граѓани. Но, сé уште недостасуваат податоците за прислушуваните броеви од еден телефонски оператор, кој не беше наведен поради истрагата.
Б. Јордановска