Совет за етика во медиумите: Медиумите не се разгласни станици на политичките партии

„Медиумите не смеат да бидат арена за борба во која ќе победи помоќниот, и разгласна станица на политичките партии“, истакна Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите, на денешната прес конференција.

„Помина повеќе од половина година откако беше потпишана Повелбата за етичко известување за избори, а претставките сè уште пристигнуваат. Наместо да се подобри состојбата во медиумите, таа е влошена“, изјави Тунева потсетувајќи на Повелбата која во февруари ја потпишаа повеќе од 90 новинари.

Marina Tuneva

Марина Тунева

Тунева го потенцираше значењето на новинарите за градење на демократијата, и оттука императив е да им се обезбеди пристап до сите информации. „Медиумите мора да бидат во редовна комуникација со граѓаните, објективно, неутрално и непристрасно да известуваат и да им помогнат да се информираат за своите права. Во тој контекст од особено значење е да се направи јасна дистинкција помеѓу информацијата и коментарот“, вели Тунева.

Претставниците на Советот за етика во медиумите ја посочија и улогата на Јавниот радиодифузен сервис во периодот кој следува.

Mirce Adamcevski

Мирче Адамчевски

Мирче Адамчевски, давајќи осврт на работата на СЕММ, информираше дека од основањето на Советот, поднесени се 130 жалби, од кои 16 се оценети како неосновани, а за останатите се поднесени преставки. Најголем број од жалбите се однесуваат на отсуство на втора страна и говор на омраза, како и на работата на порталите, кои поради тоа што се оставени на саморегулација, продолжуваат да бидат простор каде во најголема мера се прекршуваат новинарските принципи и стандарди.

Dragan Antonovski

Драган Антоновски

Во наредниот период СЕММ како што најави Драган Антоновски, ќе одржи средба со новинари и уредници, но и со граѓанките и граѓаните, особено со студентите на кои ќе им бидат претставени начините на кои можат да пријавуват непрофесионално и неетичко известување во предизборниот период.

Марија Теговска