ЦИВИЛ – Центар за слобода им се обрати на четири министри во Владата на кои ќе им се постават прашања од доменот на нивната работа неколку пати пред изборите, а еднаш по завршувањето на изборниот процес. Средби за разговор побаравме од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за труд и социјална политика Фросина Ременски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот за правда Аднан Јашари.
Прв на нашата покана се одзва министерот Оливер Спасовски со кого редакцијата на ЦИВИЛ Медиа разговараше на 9 декември 2015 година.
Со Спасовски ги загатнавме предизвиците на безбедносната криза, департизацијата на МВР, (не)постоењето на паралелните вооружени структури и контролата врз нив, плановите за создавање услови за слободни избори и враќањето на довербата на граѓанките и граѓаните во оваа институција во пресрет на изборите и по нив.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=BILErBztYMU[/youtube]
ЦИВИЛ Медиа: Македонија е во долгогодишна политичка криза, која се интензивира со политичките “бомби” и со безбедносната криза во Куманово. Според според извештаите на релевантни меѓународни и национални организации, државата и медиумите се заробени. Дали Македонија се соочува со внатрешна безбедносна криза? Како нов министер за внатрешни работи, каков е вашиот план за соочување со овие предизвици? Дали сметате дека ќе успеете да ја вратите довербата на граѓаните во МВР?
СПАСОВСКИ: Фактите на кои укажавте се потврда за сé она што ни се случуваше во изминатите девет ипол години со оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ, и токму заради тоа сите овие области, и безбедноста и политичката и економската криза и слободата на говорот, се дел од проблемите што ги нотират сите извештаи на релевантни меѓународни фактори на Европската комисија, оние кои што нé набљудуваат. Решението на оваа политичка криза или разврската, ако сакаме да биде мирна, е почитување на договорот од Пржино, врз основа на што и ние влеговме во оваа Влада, како контролор на целиот овој процес што ни претстои. А, првенствена цел ќе биде враќањето на довербата во институциите на системот.
Јас, како министер за внатрешни работи, имам четири главни цели. Можеби на број се малку, но во суштина мислам дека се многу сериозни, и за нив ќе треба сериозен ангажман и многу голема помош. Едната е да се справиме со сите безбедносни ризици и предизвици во Република Македонија и во регионот, кои доаѓаат од разни терористички групи, исламисти..., се со цел да ја зачуваме стабилноста на Република Македонија.
Вториот, многу важен сегмент, е справување со бегалската криза што не е прашање само на Република Македонија или проблем кој е создаден тука, ниту решението може да биде во Република Македонија. Тоа е процес што треба да го решава Европската унија, ќе треба да го решаваме заеднички, во координација со државите од регионот, за нормално да функционира западно-балканската рута, притоа, почитувајќи ги сите меѓународни конвенции што се однесуваат на бегалците. И во тој контекст, јас направив сериозни контакти со сите министри за внатрешни работи од регионот, вклучително и со министерот за внатрешни работи на Грција, а баравме и помош од ЕУ и САД, со кои сме во постојани комуникаци, во делот од работата на Министерството за внатрешни работи, бидејќи процесот на упавувањето со оваа криза го води Управувачкиот комитет што го предводи Никола Тодоров, министерот за здравство.
Третиот приоритет е добрата соработка и профункционирањето на Специјалното јавно обвинителство, затоа што тоа е многу значајно за Република Македонија. Исто така, многу е значајно и за МВР, имајќи ја предвид аферата со прислушувањето, или таканаречените политички бомби. Тие го урнаа угледот на МВР, и ние сме многу заинтересирани, и јас како актуелен министер, да направиме сé, преку Специјалното обвинителство, да дојде до разврска на оваа афера, да се најдат виновниците, и на тој начин да се врати довербата кај граѓаните во системот, И притоа, да се создадат правни рамки во најбрзо можно време, кои што ќе гарантираат немање на никаква можност за злоупотреба на системот од било кого. Значи, ова што ни се случи, да не ни се повтори никогаш повеќе.
И четвртиот главен приоритет е да направиме сé да имаме фер и демократски изборен процес и демократски избори. Да им овозможиме на граѓаните на Република Македонија, да донесат вистинска одлука на следните избори, без притисоци, и без закани и уцени. Тоа ќе значи дека МВР, мора да биде Министерство на сите граѓани на Република Македонија. Вработените ќе мора да одработат професионално, и во тој поглед, секој професионалец кој ќе работи според законот, ќе ја има мојата поддршка и помош во Министерството, а секој оној кој се осмели да работи спротивно на закон или по некој партиски диктат, ќе има многу сериозна санкција. Тоа е пораката која ја упатив уште првиот ден по влегувањето во МВР. Секако дека МВР, во соработка со ДИК, ќе мора да работи на прочистување на изборниот список, се со цел, овој изборен процес да биде таков што ќе овозможи вистинска одлука на граѓаните на Република Македонија и процес во кој што пред сé, граѓаните ќе имаат доверба.
ЦИВИЛ Медиа: МВР беше алатка за спроведување на партиската агенда на актуелната гарнитура на власт, наспроти обврската да ја гарантира безбедноста и сигурноста на граѓан(к)ите. Во која состојба го затекнавте Министерството и што ќе преземете во врска со тоа? Дали МВР ќе биде на висината на својата задача во претстојниот изборен процес во Македонија?
СПАСОВСКИ: Видете, состојбата во која е затекнато МВР со моето доаѓање е истата, за која говореа поранешните министри за внатрешни работи. Вие имавте прилика да слушнете преку проектот “Вистината за Македонија”, впрочем и целата македонска јавност, како МВР е ВМРО или МВРО-ВМРО, како се користат едната сала за партиски штаб, а втората за прием на странски амбасади, како се злоупотребуваат и возила и човечките ресурси... Јас навистина сакам многу професионално, да се одработи во МВР, на професионалците кои ги има во МВР, да им се даде сериозна шанса да си ја работат работата и задачите. МВР мора да биде министерство кое ќе ги штити интересите на граѓаните, а не на политичките партии, без разлика на која политичка партија и припаѓаат министрите... Моја задача и моја цел ќе биде на сите вработени постојано да им укажувам на потребата дека единствено вработените во Министерството им должат на граѓаните, бидејќи преку даноците на граѓаните тие земаат плата, егзистираат со своите семејства и дека нема поголема должност кон никого, освен кон граѓаните на Република Македонија. Јас навистина очекувам дека преку вистинска активност на сите професионалци во МВР, ќе може да создадеме институција во која ќе имаме доверба, која ќе биде почитувана и која ќе одговори на предизвикот - да имаме фер и демократски процес.
ЦИВИЛ Медиа: Дали верувате дека имате целосен увид во МВР? Дали во секторите контраразузнавање и во униформираниот дел на полиција постои паралелна власт? Поточно, дали верувате дека ќе се справите со партизацијата на безбедностите структури во Македонија?
СПАСОВСКИ: Видете, две работи се многу значајни во МВР, кои сакам да ги потенцирам, и за кои ќе се залагам. Едната е деполитизацијата, да се направи целосна деполитизација на МВР, а втората работа е декриминализацијата на оваа институција. Овие две работи не се процес кој ќе заврши за ден-два, за една недела или за еден месец, ова не е процес што може да заврши до крај или 100 %, ниту на подолг временски рок. Но, ова е период кога овој процес може да започне и токму заради тоа, воспоставувањето на контрола преку работењето на професионалци и преку најстроги санкции за секој кој нема да ги почитува нормите, правилата и законските одредби и ќе постапува по некакви други норми, ќе треба да биде врвен приоритет. Тоа е и моја цел и така ќе настапувам во целиот овој период. Да го започнеме процесот на деполитизација и декриминализација на оваа институција, со цел граѓаните да ја зголемат довербата во неа.
ЦИВИЛ Медиа: Дали МВР има увид во своевидните паралелни безбедносни структури, односно, дали ја држите ситуацијата под контрола што се однесува до припадниците на приватните агенциите кои имаат право да бидат вооружени?
СПАСОВСКИ: Значи, во однос на приватните агенции за обезбедување постојат законски прописи и законски норми што треба да ги исполнува секоја од агенциите и врз основ на тие норми да се издаваат дозволи, лиценци за работа, и тие така и на тој начин да функционират. Постојат комисии кои работат во функција на надзор на овие агенции за обезбедување и секој од агенција за обезбедување или од друга релевантна структура, што треба да биде контролирана од МВР, кој ќе направи било каква злоупотреба или постапка спротивна на законот, најстрого ќе биде санкциониран. Сé со цел, граѓаните да имаат доверба во секоја институција која егзистира во Република Македонија.
Марија Теговска
Снимател: Атанас Петровски