Спречување на изборни манипулации

Во рамки на проектот за консултативна помош на македонските организации на граѓанското општество - во однос на изборниот процес, ангажирана сум од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Хрватска и од Центарот за одличност, во својство на експерт во областа на изборните реформи, во Република Македонија.

Александра Јозиќ-Илековиќ

Пишува: Александра Јозиќ-Илековиќ

Како дел од спроведувањето на  проектот, заедно со колегата Драган Зелиќ од ГОНГ, имавме три експертски мисии (во периодот од 28-ми август до 9-ти декември 2015 година) со цел - поддршка на ЦИВИЛ за подигање на нивните професионални способности и оформување на јавно-заговарачките политики за изборната реформа во Република Македонија.

Работејќи на  проектот, се забележа високо ниво на професионализам и голем интерес кај колегите од ЦИВИЛ за унапредување и стекнување на нови знаења и затоа соработката беше на високо ниво, што придонесе кон постигнување на целите и резултатите од проектот во целост, што резултираше со волјата на ЦИВИЛ и на други организации за понатамошно поврзување и заеднички активности за подобрување на изборното законодавство, за следење на изборниот процес и за спречување на манипулации во изборниот процес.

Поддршка за овој проект даде и хрватската амбасадорка во Република Македонија, г-ѓа Данијела Баришиќ, која со својата отвореност (иако на самиот почеток од мандатот) и преку учество во јавните собири, дополнително ја истакна хрватската подготвеност, преку Центарот за одличност на Министерството за надворешни работи и европски прашања на Република Хрватска, да се даде стручна помош на колегите од Република Македонија во сите идни проекти кои вклучуваат соработка и поддршка во развојот на едно демократско општество. Колегите од ЦИВИЛ особено го почитуваат ангажманот на амбасадорката и изразија надеж за понатамошна соработка меѓу двете земји.

Имајќи предвид дека Република Македонија се подготвува за предвремени парламентарни избори, планирани за април 2016 година, размената на знаења и искуства со нивните хрватски колеги, резултираа со конкретни предлози на ЦИВИЛ за регулирање на Избирачкиот список, за назначување на Државната изборна комисија на Република Македонија како независно и професионално тело, со методологијата на непартиско набљудување, со комуникацијата на ЦИВИЛ и со други граѓански организации кои работат на човековите права и на изборниот процес - за можен заеднички настап во заговарањето за подобрување на изборното законодавство и на Избирачкиот список.

Исто така, нагласена е потребата за регулирање и надзор на финансирањето на изборните кампањи, како важен елемент за обезбедување на фер изборна трка и борба против корупцијата.

Искуствата на ГОНГ во работата со набљудувачите и набљудувањето на сите фази од изборниот процес, беа исклучително корисни и претставуваа основа врз која се втемелени плановите за следење на изборниот процес и организациската структура на ЦИВИЛ, кој ќе организира и спроведе непартиско набљудување на изборите.

Во текот на работата на проектот, ЦИВИЛ одржа состаноци и интерактивна работа во работилници, како и јавни средби со своите колеги од  МОСТ, со претставници на Фондацијата Отворено општество, на Хелсиншкиот комитет на Македонија, на претставници на ОБСЕ и на НДИ, на германската амбасада, на Амбасадата на Обединетото Кралство, со претставници на политички партии и независни експерти од областа на изборниот процес.

  1. Првата експертска мисија (28 август до 2 септември, 2015)

Темата на првата експертска мисија беше регулирање на Избирачкиот список, набљудување на изборите и важноста за самостојна работа на институциите во спроведување на изборите. За време на работата, бевме информирани дека во Република Македонија во тек е процесот на преговори (затворен за јавноста), на претставници на парламентарните партии и експерти за промени во Изборниот законик, со фокус на методологијата на планирање и ажурирање на Избирачкиот список. Идејата беше до распишувањето на изборите, да се најде модел на ажурирање на Избирачкиот список, а еден од предлозите беше активна регистрација на гласачите неколку дена пред изборите, како што бевме информирани од ЦИВИЛ и од други учесници.

Презентација на хрватскиот Закон за избор на пратеници во хрватскиот парламент[1], Законот за Избирачки список[2] и Законот за Државната изборна комисија[3], даде слика на хрватските изборни и законски рамки, при што се забележани големи сличности со Изборниот законик[4] на Република Македонија.

Имено, со Изборниот законик уредени се на едно место сите избори во Република Македонија, за разлика од хрватскиот пример, каде посебни закони ги регулираат секој поединечен изборен циклус, што го оценуваме позитивно и го поддржуваме донесувањето на единствен Изборен закон, кој од аспект на системот и систематизацијата на законодавството е подобро и поудобно решение.

 Сандра Гавриловска, правен консултант на ЦИВИЛ, 30 август 2015

Сандра Гавриловска, правен консултант на ЦИВИЛ, 30 август 2015

Учесниците во проектот изнесоа сериозни забелешки на работата на изборната администрација во областа на Избирачкиот список и институциите поврзани со правење на оваа јавна евиденција, како што се Државната изборна комисија (во натамошниот текст: ДИК) и Министерството за внатрешни работи (во натамошниот текст: МВР). Всушност, како што претходно информиравме, на прашањето за одговорноста за точноста на Избирачките список, ДИК тврди дека списокот на гласачите е во надлежност на Министерството за внатрешни работи, а Изборниот законик предвидува дека „избирачкиот список го води Државната изборна комисија"[5]. Барањето за запишување во Избирачкиот список е на возраст од 18 години и со постојан престој во Република Македонија, како и со важечка лична карта или патна исправа.

Значи, што се однесува до надлежноста, според наведената одредба, произлегува дека ДИК, која го води списокот на гласачи, треба да биде одговорна за точноста на податоците. Сепак, различни се толкувањата од ова сфаќање, и ние сме информирани дека ДИК смета дека не е тело кое може да ја потврди точноста на Избирачкиот список и дека тоа е во надлежност на МВР, орган кој води евиденција за живеалиштето и за државјанството, а која евиденција покрај записите од матичните книги и други службени евиденции, е основа за составување на Избирачкиот список. На ДИК, исто така, му се овозможува проверката на точноста да ја потврди врз основа на директни проверки, при што не се пропишува начинот на кој - де факто - тоа се прави (и дали се прави).

Треба јасно да се направи разлика помеѓу надлежностите во врска со списоците на избирачите на  ДИК и на МВР, и да се одреди кој е одговорен за точноста на Избирачкиот список.

Во Хрватска,  Избирачкиот список е во надлежност на Министерство на управата, кое води архивирање на податоци за гласачкото тело, при што регистарот на гласачи се дефинира како збир на личните податоци на сите гласачи, а Избирачкиот список е дел од Регистарот на гласачи, кој се изготвува по неговото затворање и претставува основа за гласање.

Во однос на македонската законска регулатива во областа на Избирачкиот список и правото на глас, се поставува прашањето за граѓаните кои немаат валиден документ лична карта / патна исправа и како тие можат да го остварат правото на глас. Во овој дел, ние предлагаме да се разгледа можноста - овие гласачи да гласаат врз основа на сертификати за гласање, а по претходно испитување на нивните права на глас од надлежниот орган.

На тој начин се зголемува можноста да гласаат оние гласачи, кои на денот на изборите ќе бидат (или се) надвор од местото на живеење (посебно за одредена категорија на гласачите, како што се студентите, работниците-мигранти ...). Во овој контекст, ги презентиравме законските решенија во хрватскиот Закон за регистрација на гласачи, со кој се предвидува можност за претходно регистрирање на гласачи кои живеат во Република Хрватска, кои ќе гласаат во странство или привремена регистрација во регистарот на гласачите надвор од местото на живеење за оние гласачи кои ќе се најдат во друг град / општина во Република Хрватска и издавање на сертификати за гласање надвор од местото на живеење, врз основа на кои гласачите можат да гласаат во секое избирачко место во Република Хрватска или во странство.

Главната цел на овие институти содржани во хрватскиот Закон за регистарот на гласачи е да им овозможи на сите гласачи слободно движење без пречка за остварување на право на глас.

Во пракса, често се испоставува дека избирачките списоци се неточни, а како резултат на неискуството на властите, миграцијата на населението и на фактот дека граѓаните не се проверуваат во Избирачкиот список, кога е достапен да се провери, што го отежнува составувањето на  Избирачкиот список.

Во однос на аранжманот/ажурирањето на Избирачкиот список, важна е улогата на изборната администрација и на МВР, кои треба пред изборите да спроведат силна медиумска кампања и активирање на граѓаните, од една страна, да ја исполнат својата граѓанска должност и да ги ажурираат нивните лични документи, како и едновремено, активно да ги вклучат граѓаните како еден вид на граѓански надзорник, кој ќе ги пријавуваат во полицијата сите информации за откриените неправилности (на пример, фиктивен престој), и јавно да се информира за бројот на гласачи на секоја адреса, кој ќе биде на располагање на граѓаните за ревизија (веб-страница на МУП, ДИК) и ќе  овозможи примена и потврда на овие информации.

Искуствата на Хрватска и Македонија во компаративна перспектива „Излезот е возможен, стравот мора да исчезне!“, 31 август 2015

Како до слободни избори: Искуствата на Хрватска и Македонија во компаративна перспектива „Излезот е возможен, стравот мора да исчезне!“, 31 август 2015

Јавниот медиумски сервис треба засилено да дејствува и да овозможи обезбедување на информации до граѓаните јавноста (објавување на соопштенија, насочени тематски програми за изборите со компетентни учесници, со цел да ги информира граѓаните за изборната постапка), така што граѓаните би биле  соработници и би им олесниле на надлежните органи обезбедување на информации од нивната околина.

Сето ова, се разбира, претпоставува дека Избирачкиот список е константен, што вклучува обврска за негово редовно ажурирање, истакнувајќи дека ако регистрација на гласачите не се прави автоматски, мора да се дозволи доволно долг период  за регистрација. Исто така, важно е Избирачкиот список да е објавен и да постои административен процес кој е подложен на судска контрола.

И на крај, не постои сомнеж дека државата преку својот апарат треба да овозможи секој гласач да го оствари своето уставно загарантирано право на глас, и дека поединците не треба да ги сносат последиците од погрешна акција или недејствување на државата. Во овој контекст, од големо значење за ажурирање на Избирачкиот список е сите гласачи под исти услови да добијат право на упис, корекција или измена на податоците во Избирачкиот список.

Независноста на телата за спроведување на изборите е од големо значење. Затоа, политичко дејствување треба да биде јасно ограничено во рамки на професија, со цел да се спречат изборните манипулации и зголемување на недовербата во изборниот процес.

Во овој дел, важно е да се охрабрат невладините организации кои работат во областа на независно набљудување на изборниот процес и/или промоција на човековите и граѓанските права.

На учесниците во проектот од колегата Зелиќ од ГОНГ, им беше презентирана методологијата на  непартиско набљудување на изборите во предизборниот период, на  денот на изборите и во постизборниот период. Врз основа на размена на знаења и искуства, ЦИВИЛ се стекна со нови идеи, како и што да се  заговара со цел - подобрување на изборното законодавство, осмислувајќи конкретни предлози и мерки за делување, зада се спречат евентуалните манипулации во претстојните избори.

(Продолжува)

 

[1] „Narodne novine“, broj 66/15

[2] „Narodne novine“, broj 144/2012

[3] „Narodne novine“, broj 44/2006 i 19/2007

[4] „Службен весник на Република Македонја“ број 32/2014- прочистен текст

[5] Член 41, ставка 1, од ИЗ


Експертскиот тим на ЦИВИЛ – Центар за слобода во состав на своите редовни активности, подготви нови, опширни правно-политички анализи за политичките состојби, за кризата и за изборниот процес во Република Македонија
Соработничката на ЦИВИЛ, Александра Јозиќ-Илековиќ (Република Хрватска), долгогодишна потпретседателка на хрватската Државна изборна комисија, во состав на проектот „Поддршка на ЦИВИЛ за подигање на професионалниот капацитет и развој на јавната-заговарачката политика во застапување на изборните реформи во Република Македонија“, во јануари 2016 подготви анализа за примената на хрватските примери за подобрување на изборното законодавство во Македонија, со цел - спречување на манипулации во изборниот процес, која ја објавуваме во две продолженија
Во текот на февруари, ЦИВИЛ Медиа ја објави во четири продолженија, анализата на д-р Сашо Орданоски „Македонија: Земја на пропуштени демократски можности“, а ќе ја објавиме и анализата на адвокатката Сандра Гавриловска.
Врз основа на овие анализи, како и експертските анализи и препораки на ЦИВИЛ и во следниот период ќе се обиде да го даде својот придонес за создавање услови за одржување слободни избори и занадминување на политичката криза во Република Македонија.
Анализите и препораките кои ЦИВИЛ ги подготви во овој период се дел од активностите на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Оваа вест е достапна и на: English