Меѓународниот ден на човековите права во Македонија се одбележа со марш на студентите. Околу 10 илјади студенти излегоа на протест придружени од средношколци, стечајци, родители и професори. Со паролите „Нема правда нема мир”, „Брзите реформи, раѓаат слепи студенти”, „Екстерно за Владата“, „Доста беше молк” побараа од Владата да се откаже од воведувањето на државниот испит.
Цивил маршираше заедно со студентите и им даде поддршка во остварување на нивните студентски и човекови права. Исто така раководството на Цивил апелира институциите да превземат мерки против кршење на човековите права и слободи. Правото на средношколците да го искажат својот став и револт за државниот испит беше спречен со кршење на Уставот на Република Македонија.
Од вчера до денес на адресата на Цивил пристигнаа жалби од ученици, родители и професори од средните училиштата „Р.Ј.Корчагин“, „Георги Димитров“, „Орце Николов“ и „Никола Карев”. Директорите и директорките им се заканувале со укори и дека вратите на училиштата ќе им бидат заклучени за да не присуствуваат на студенскиот марш. Денес, некои од средношколците останаа да протестираат зад затворени врати.
Еден од професорите на горенаведените училишта не информираше дека во училиштето „Р.Ј. Корчагин“ им биле заклучени вратите на малиот одмор, а пак во училиштето „Никола Карев“ вратите им биле заклучени и на големиот и на малиот одмор.
Еве дел од писмото на еден од учениците кое ни пристигна: “Ви пишувам како ученичка од средното училиште „Раде Јовчевски - Корчагин“ и како граѓанка свесна за сопствените права. Денес по повод студентскиот марш бевме заклучени како животни во кафез сѐ со цел да бидеме спречени на маршот да ја дадеме нашата поддршка. Ова не се случува првпат и сметам дека е крајно време да престане да се повторува со самото ова ни се нарушува правото на слободно движење запишано во Magna Carta Libertatum со кое секој човек е роден, а јас нема да стојам немо додека некои поединци се однесуваат како да не постојат овие. Секако постојат соодветни мерки за неприсуствување на настава, но ако е оправдано од родител/старател нема право некој да се заканува со намалување на поведение ако одиме на маршот или пак во овој случај заклучување на ученици. Се надевам дека ова писмо ќе смени нешто и дека нема да се повтори ова неправедно однесување што е крајно општествено неприфатливо”, се вели во писмото.
Во Прилеп Студентскиот Пленум даваше поддршка на маршот во Скопје, но учениците од неколку училишта во Прилеп беа под заложништво во сопствените училишта известува порталот revolucionermk.com.
Граѓанките и граѓаните исто така се жалеа за проблем со мрежата. Т-Мобиле Македонија ја информира јавноста дека денеска поради технички проблем дојде до краток прекин на сите услуги во мобилната мрежа во периодот од 12:35 до 12:50 часот. „Прекинот на услугите го почувствуваа корисниците на цела територија на град Скопје и поголем дел од територијата на Република Македонија.“, вака операторот ги објаснува пречките кои денеска настанаа во телекомуникациските мрежи во текот на првиот час додека траеше протестот, на што граѓани се жалеа на социјалните мрежи и во медиумите.
Студенскиот пленум достави писмо со своите барања до Владата. Писмото заврши во архива затоа што во Влада немало никој.
Арбана Ќерими
Биљана Јордановска
Оваа вест е достапна и на: Albanian