Работничките права во Република Македонија се под финансиско-бирократските чизми на власта кои синдикалните моќници послушно им ги полираат. Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) е мало приватно царство на неколкумина верни послушници на власта кои, без трошка совест, живеат како султани од тешко заработените пари на своите членови со една цел: да ја бранат власта од работниците.
Своето вистинско лице СОНК не мораше да го крие, но сега и на најнаивните им стана јасно чиј пион е и овој божемно самостоен синдикат за образование, наука и култура.
Мултиетничкиот синдикат на образование (МЕСО) го исфрлија од ССМ. Причините се повеќе од јасни, како што е јасно и зошто СОНК е во процес на официјално враќање во скутот на својот голем брат ССМ.
Со начините на кои власта се обидува да го заузда незадоволството од катастрофалните политики и практики во образованието, само се докажува неподготвеноста за нивно напуштање, како во поглед на образованието, така и во сите останати сектори на заштитата на работничките и социјалните права на граѓанките и граѓаните.
Одамна стана очигледно дека, во пресрет на изборите во 2016 година, се прави консолидација на редовите и се зацврстува контролата врз институциите и врз синдикалното организирање. За да ја постигне целта, на власта ѝ е потребно да ја намали или збрише видливоста на пленумите, а паралелно со тоа, наставниот кадар да го стави под целосна контрола.
Вистински независните синдикати и пленумите на студентите и средношколците се залагаат за права и реформи кои се составен дел на корпусот на човековите права и слободи загарантирани со Уставот, меѓународното право и законите. ЦИВИЛ – Центар за слобода ги поддржува и охрабрува пленумците, како и независните синдикални организации да останат доследни на своите заложби и барања.