Врз основа на Член 18 и Член 23 од Законот за здруженија и фондации (Службен весник на РМ, бр. 52 од 16.04.2010) и Статутот на ЦИВИЛ, Собранието на ЦИВИЛ на седницата одржана на 31 март 2017 година, донесе
Пречистен текст на
СТАТУТ
ВИЗИЈА И МИСИЈА
Член 1
ЦИВИЛ – Центар за слобода (во понатамошниот текст само ЦИВИЛ) e непрофитно здружение на граѓани, формирано со слободно здружување заради остварување на својата мисија од општествен интерес.
Член 2
Визијата на ЦИВИЛ е за свет во кој сите луѓе живеат во мирно и демократско општество, во кое:
- човековите права и слободи се почитуваат во потполност;
- нема насилството и култот кон оружјето е надминат;
- нема дискриминацијата и шовинизам во било кој облик;
- владее потполна слобода на изразување и медиумите се слободни и независни од влијанието на центрите на моќта;
- институциите се независни и целосно посветени на интересите на граѓанките и граѓаните;
- изборите се фер и демократски, а граѓанките и граѓаните непречено организираат и учествуваат во процесите на донесување на одлуките;
- културата и уметноста се составен дел од секојдневието на општеството;
- екологијата и заштитата на животната средина се основни критериуми за развојот.
Наведените ставови се практикуваат во неделива форма.
Член 3
Во потрага по својата визија, мисијата на ЦИВИЛ е:
- да спроведува активна едукација, промоција и одбрана на човековите права и слободи;
- да дава активен придонес кон одржлив мир и кон процесите за помирување;
- да спроведува акции за превенција од конфликти, ефективна контрола на оружјето и надминување на култот кон оружјето;
- да спроведува активна едукација, промоција и одбрана на слободата на изразување
- да дава активен придонес кон развојот на слободните и независните медиуми;
- да спроведува динамична стратегија за култура и уметност;
- да иницира или поддржува локални, национални, регионални и глобални процеси за мир и стабилизација, ненасилно решавање конфликти, човекови права и демократија преку односи со јавноста и членство во национални, регионални и меѓународни асоцијации и структури;
- да дава активен придонес кон интегрирање на екологијата во развојните стратегии на сите нивоа.
ОСНОВНИ ВРЕДНОСТИ
Член 4
Во ЦИВИЛ, сите членови на проектните, набљудувачките и другите тимови и соработниците работат заедно во постигнувањето на нивната визија и мисија, преку континуирана и ефективна акција заснована на целосно почитување на човековите права, нивната универзалност и неделивост, како и на солидарност, еднаквост, непристрасност, демократија и взаемна почит. Секоја личност, во релација со ЦИВИЛ се согласува со неговата визија и мисија и ќе се залага за неговите основни вредности во неговиот/нејзиниот приватен и професионален живот. Универзалната декларација за човековите права се смета за составен дел на овој Статут.
МЕТОДИ
Член 5
ЦИВИЛ бара од структурите кои донесуваат одлуки на локално, национално и меѓународно ниво, од Владата, релевантните институции, меѓувладините организации, вооружени и политички групации, компании и други невладини актери, да ги отворат горливите теми во заедниците и општеството, и да работат заедно со граѓанките и граѓаните во согласност со визијата, мисијата и програмата на ЦИВИЛ.
Член 6
ЦИВИЛ темелно и непристрасно ги истражува фактите и модалитетите на различни злоупотреби во општеството и институциите и ги објавува своите наоди и ставови. Различните тела на ЦИВИЛ, членовите, поддржувачите и персоналот го мобилизираат јавниот притисок врз Владата и институциите на локално и национално ниво, да ги коригираат своите политики и практики, а злоупотребите решително да ги спречат и санкционираат.
Член 7
ЦИВИЛ влијае врз Владата, Парламентот, институциите и други центри на моќ, на локално и национално ниво, да бидат одговорни и транспарентни и да се придржуваат кон принципите на владеење на правото, демократијата и човековите права и слободи.
Член 8
ЦИВИЛ спроведува широк обем на активности во доменот на јавната свест, едукацијата, лобирањето и застапувањето.
ЦИВИЛ ги набљудува, анализира и дава препораки за политики и практики во сферата на изборите, изборното законодавство и изборните процеси.
Член 9
ЦИВИЛ ги охрабрува меѓувладините и невладините организации, поединците и сите делови на општеството да ги поддржуваат, почитуваат и работат во полза на човековите права и слободи, мирот и општеството без оружје и насилство.
Член 10
ЦИВИЛ ќе ги остварува своите цели и програмски дејности во согласност со Уставот на РМ и со овој Статут, како и со други законски норми и меѓународните стандарди кои ја регулираат материјата од оваа област.
ПРАВА И ОБВРСКИ НА ЧЛЕНОВИТЕ НА ЗДРУЖЕНИЕТО
Член 11
Член на ЦИВИЛ може да бидат секој полнолетен граѓанин на Р. Македонија кој доброволно ќе пристапи кон здружението и минимум 6(шест) месеци претходно е поддржувач на визијата,мисијата,основните вредности наведени во овој Статут како и методите на остварување на истите, без оглед на неговата расна, национална или верска припадност.
Зачленувањето се врши со пристапница која при исклучување или престанок на членувањето задолжително се враќа.
За прием во членство во здружението одлучува Извршниот комитет на здружението.
Член 12
Членовите на ЦИВИЛ имаат права и обврски согласно со одредбите на овој Статут, позитивните законски прописи и интерните акти .
Членовите на ЦИВИЛ активно учествуваат во спроведување и остварување на програмските цели и определби на здружението и ги уживаат привилегиите кои произлегуваат од одлуките на здружението - да бидат избирани и да избираат.
Член 13
Членовите на ЦИВИЛ правото да бидат избрани за претставници на сите членови на Здружението во Собранието го стекнуваат по истекот на најмалку 3 (три) години активно членство, на предлог на 5 претставници на членовите на Здружението во Собранието или 20 (дваесет) члена на здружението.
Член 14
Членството во ЦИВИЛ може да престане со писмена изјава на членот дека истапува од здружението и со исклучување, со одлука на Собранието, ако не се придржува кон одредбите на Статутот и другите акти, а по предлог на Извршниот комитет или на Претседателот на ЦИВИЛ.
Здружението за своите членови води регистар, кој се ажурира еднаш годишно.
АДМИНИСТРАЦИЈА
Член 15
ЦИВИЛ го претставува и застапува Претседателот во однос на трети лица.
Претседателот има мандат од 5 години со право на повторен избор, без ограничување на бројот на мандатите.
Член 16
Називот на Здружението на граѓани е ЦИВИЛ – Центар за слобода, CIVIL – Qendër për Liri, CIVIL – Center for Freedom, скратено: ЦИВИЛ или CIVIL.
Член 17
Седиштето на ЦИВИЛ е во Скопје.
ЦИВИЛ се организира и делува на подрачјето на Република Македонија, а преку асоцирање со други организации со исти или слични програмски определби, како и со самостојни проекти, ЦИВИЛ делува и на регионален и меѓународен план.
Член 18
ЦИВИЛ е правно лице.
ЦИВИЛ има свој печат и штембил.
Печатот е тркалезен и го содржи називот на ЦИВИЛ/CIVIL, како и називите Скопје/Shkup и Р. Македонија/R. e Maqedonisë.
Штембилот на ЦИВИЛ е правоаголен со следниот текст: ЦИВИЛ/CIVIL – Центар за слобода/Qendër për Liri, Бр/Nr, Датум/Data, Место/Vendi.
ЦИВИЛ има свој симбол во изглед како подолу:
Член 19
Работата на ЦИВИЛ е јавна.
Јавноста во работењето се обезбедува со редовно известување на јавноста преку медиумите, средствата за комуникација и сопствените електронски или печатени публикации.
Член 20
ЦИВИЛ остварува средства од:
- Донации
- Буџет
- Провизии од органи, организации, заедници и други институции
- Трговски друштва
- Други услуги
Член 21
Користењето и располагањето со средствата на ЦИВИЛ добиени по основ од претходниот Член се врши на начин утврден со овој Статут и останатите законски норми.
Член 22
За користењето и располагањето со средствата одлучуваат органите на ЦИВИЛ, согласно со надлежностите утврдени со овој Статут, кои преземаат мерки за економски целесообразно користење на средствата и за спречување и отстранување на незаконитостите.
ОРГАНИ НА ЦИВИЛ
Член 23
Органи на ЦИВИЛ се:
- Претседател
- Собрание
- Извршен комитет
- Надзорен одбор
- Советодавно тело
- Експертски тим
- Почесни членови
- Секција на меѓународни членови
- Други структури и мрежи
Член 24
Претседателот на Цивил е највисока функција во организацијата.
Претседателот на Цивил се избира на седница на Собранието на Цивил со мнозинство гласови од вкупниот број на присутни членови на собранието на Цивил.
Член 25
Собранието се состои од:
- Претставниците на членовите на Здружението
- Членовите на Извршен комитет
- Членови на Надзорен одбор
- Раководители на ограноци или нивни заменици
Во надлежност на Собранието е следното:
- Го донесува Статутот на ЦИВИЛ и врши измени и дополнувања на истиот
- Избира и разрешува членови на Извршниот комитет
- Избира и разрешува членови на Надзорен одбор
- Избира Претседател на Надзорен одбор
- Усвојува програмска ориентација за работа на ЦИВИЛ за период од 5 години, операционализирано во годишните програми
- Ја следи материјално-финансиската состојба
- Донесува финансиски план и усвојува завршна сметка на ЦИВИЛ
- Расправа за постигнатите резултати и развојот на ЦИВИЛ и дава насоки за натамошен развој
- Одлучува за основање и укинување на ограноци и други облици на организирање во рамки на ЦИВИЛ
- Одлучува за статусни измени на здружението,
- Одлучува за престанок на здружението со двотретинско мнозинство од сите членови на здружението,
- Одлучува за судир на интереси,
- Врши други работи во согласност со статутот и актите на здружението.
Собранието по правило одлуките ги донесува со мнозинство гласови од присутните претставници на членовите на Здружението во Собранието.
Член 26
Извршниот комитет на ЦИВИЛ е извршен орган на Собранието.
Член на Извршниот комитет може да биде разрешен со мнозинство гласови на Извршниот комитет.
Надлежности на Извршниот комитет:
- Избира Претседател на Извршниот комитет
- Ги спроведува статутарните и програмските определби на ЦИВИЛ
- Донесува и реализира годишна програма
- Предлага измени и дополнувања на Статутот
- Донесува соодветни правилници, деловници, прифаќа спогодби и склучува договори
- Свикува седници на Собранието
- Донесува одлуки за формирање постојани и привремени комисии и ја насочува нивната работа
- Донесува одлуки за набавка и отуѓување на основните средства
- Дава согласност за Правилникот за организација на работите и работните задачи на проектните тимови и администрацијата на ЦИВИЛ
- Донесува одлуки по приговори и жалби
- Работењето на Извршниот комитет се уредува со Деловник за работа
Член 27
За својата работа надзорниот одбор одговара пред Собранието ;
Надзорниот одбор работи самостојно и по налог на Собранието, а особено :
- врши надзор над исправноста на изборите во здружението;
- врши увид во материјално-финансиското работење и ревизија на тековното работење;
- врши надзор на исполнувањето на правата и обврските на членовите во однос на статутот и актите на здружението.
Член 28
По престанокот на работата на Здружението, имотот и другите права и приходи што остануваат по намирувањето на обврските, преминуваат во сопственост на други.
Член 29
Сé што не е предвидено со одредбите на Статутот, а е во согласност со Законот за здруженија и фондации, како и Уставот на РМ, е составен дел на овој Статут.
Член 30
Овој Статут влегува во сила на денот на донесувањето.
Скопје
31.03.2017
Претседател
Џабир Мемеди Дерала