СТОП ЗА ПРИТИСОЦИТЕ И ЗАКАНИТЕ ПРОТИВ СРЕДНОШКОЛЦИТЕ

Учениците во повеќето средни училишта во државата ја бојкотираат наставата. Тие се решија на овој чекор откако Министерството за образование и наука повеќе од еден месец ги игнорира нивните повици за разговор во кој сакаат да ги изложат своите проблеми и барања.

ЦИВИЛ - Центар за слобода ја набљудува состојбата на теренот од самиот почеток и на активностите на Средношколскиот пленум при што констатира сериозни прекршувања на правата на учениците, што особено се интензивира последните денови.

ЦИВИЛ констатира дека е повредено правото на слобода на движење во училиштата во кои се одвива бојкотот на наставата. По налог на менаџментот на училиштата во некои училишта се заклучуваат влезните врати со што на учениците им се оневозможува слободно движење и пристап во училиштата. Во други училишта се заклучуваат вратите на простории во кои учениците сакаат да организираат алтернативни активности со што тие се оставаат со часови да стојат во ходниците. ЦИВИЛ опоменува на опасноста од насилно однесување и вандализам кои може да ги предизвика револтот од овој однос и бара од раководителите на училиштата да не го ограничуваат движењето на ученици и да им овозможи безбедно, конструктивно и осмислено делување на учениците.

Учениците се континуирано изложени на притисоци, етикетирања и закани од страна на директорите и дел од наставниот кадар. Притисокот уште повеќе е засилен со континуираното присуство на инспекциските служби во училиштата. Инспекциите се очигледно во мисија да ги заплашат учениците и наставниот кадар кој ги поддржува, за што сведочат оние што биле повикани на класично испрашување и закани.

Бараме од надлежните институции и установи да го почитуваат правото на протест на учениците и да не го користат стравот како средство за манипулација со учениците и за нивно замолчување. Ги потсетуваме дека правото на протест, слободата на изразувањето и слободата на движењето се основни човекови права.

Родителските средби кои деновиве се одржани во повеќето училишта покажуваат дека родителите во најголем дел ги поддржуваат своите деца во нивните барања како и во активностите кои ги превземаат со цел да биде слушнат нивниот глас. Меѓутоа, директорите на училиштата се оглушуваат на сознанијата кои наставниците-класни раководители им ги пренесуваат како заклучоци од средбите со родителите. Тие не сакаат ниту да ги слушнат заклучоците од родителските средби, а уште помалку да ги пренесат до повисоките инстанци, односно до ресорното министерство. Затоа, апелираме до родителите и наставниот кадар да истраат во поддршката на овие храбри млади луѓе и ги повикуваме заедно со нив да се изборат за нивните права.

Масовноста на активностите на Средношколскиот пленум и на бојкотот на наставаата покажува дека овие млади луѓе се сплотени со иста идеја да се слушне нивниот глас против лошите реформи во образованието. Тие се најдиректно засегнати со реформите во образованието, па затоа никој нема право да ги исклучува од процесите на донесување одлуки во сферата на образованието.

Министерството за образование и наука до сега се оглуши на сите повици на учениците за разговор. Ги игнорира повиците на наставниците и родителите да ги слушне учениците и да ја прекине агонијата во која се доведени. Дрско го игнорира повикот на Народниот правобранител со што ја навреди највисоката институција во државата задолжена за одбрана на правата на граѓаните. Затоа, бараме од ова министерство да преземе одговорност и да ги прекине лошите реформи во образованието.