Стоп за продолжениот судско-полициски прогон на активист(к)ите за човекови права!

Соопштение на ЦИВИЛ, 14/10/2018

ЦИВИЛ упатува остар протест против апсурдниот судско-полициски прогон кој и по падот на режимот на Груевски, продолжува против активист(к)и за човекови права до денешен ден. Наместо учесничките и учесниците во ненасилната револуција против диктатурата на Груевски да добијат признанија и пофалби, наместо да им се заблагодарат сите: Владата, институциите и граѓанките и граѓаните за тоа што го направиле, наместо тие луѓе да добијат извинување, наместо да бидат викнати на некоја средба со институциите да им се понуди некаков надомест за нанесената штета, материјален или морале…

Активистките и активистите сè уште се мета на судско-полицискиот прогон. Години по падот на режимот на Груевски, тие луѓе сè уште се повикуваат на суд!

Едноставно не можеме да прифатиме никакво оправдание за ова. Не постои оправдание за вакво нешто! Овие судски процеси се најтемната дамка и сведоштво дека во Македонија се гонат луѓе што протестирале за слобода и за демократија.

ЦИВИЛ во целост се согласува и ги поддржува ставовите и аргументите на проф. Мирјана Најчевска која и самата е подложена на овој продолжен прогон и која во својата колумна „Доле режимот – да живее режимот“ наведува низа повреди на уставните и законските прописи: прекршен Уставот на Република Македонија, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за општата управна постапка, Законот за прекршоци... Се нарушува и презумцијата на невиност со директно квалификување како „сторители“ во комуникацијата на органите, според кои активистките и активистите се веќе осудени, иако не се ни обвинети, ниту судени.

Зачудувачки е што ниеден пратеник и ниеден министер не реагира на ова неприфатливо однесување на институциите на прогонот и неправдата.

Бараме судовите и полицијата да им се извинат на активистките и активисти, а владата и парламентот да најдат начин да им оддадат признание. И да се извинат за молкот до сега.