По повод Mеѓународниот ден на толеранцијата - 16ти ноември, на 17-ти Ноември, по четврти пат се организира Маршот на толеранција.
Mеѓународниот ден на толеранцијата (Резолуција 51/95 на ОН) претставува можност за секој граѓанин, организација или институција, да излезат и јавно да ја искажат својата заложба во борбата против дискриминацијата по било која основа и градење на општество во кое почитувањето на човековите права е приоритет.
Оваа година маршот e посветен на ЛГБТИ популацијата во Македонија поради хомофобичната кампања која трае веќе подолго време и е уште повеќе потенцирана во последниов месец. Воедно, овој марш ќе ја искаже својата поддршка на правата на жените кои исто така беа погодени од говорот на омраза кој што произлезе од оваа кампања.
Кампањата артикулираше исклучување на сите различности, а во нејзиниот фокус се најдоа и жените чии приоритети отскокнуваат од традиционално воспоставената улога на жената. На удар се самохраните родители, мажите кои своите деца не ги воспитуваат со сопруга и на удар се сите оние семејства кои не се вклопуваат во дефиницијата на семејство како алатка за производство на “здрава нација”. Овој марш има за цел да потсети на правото на живот, правото на избор и на правото да се биде различен!
Оттука, овој марш ќе претставува и апел до Владата на Република Македонија за почитување на Законот за спречување и заштита од дискриминација и негова соодветна имплементација во реалноста! Исто така, маршот претставува и апел за надополнување на овој закон со сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како основи за спречување и заштита од дискриминација.
Придружете ни се на овој марш, да дадеме свој придонес во градењето на толерантно општество кое силно ќе се залага за борбата против дискриминација и почитувањето на човековите права.
Маршот ќе се одржи на 17-ти Ноември со почеток во 13 часот пред Музејот на град Скопје и ќе заврши на плоштадот Македонија, во центарот на Скопје, каде како дел од програмата, Младинскиот образовен форум ќе организира „Играј и толерирај“ – диско за толеранција со почеток во 14.00 часот.
Идејата на ова диско е да ја испратиме нашата порака и желба за надминување на дискриминацијата во нашето општество и промовирање на почит кон различните/различното од нас. Диското опфаќа танцување на музика која се слуша на слушалки(се забавувате, а не ги вознемирувате соседите) и следење на инструкциите кои ве водат низ забавата.
За сите понатамошни информации може да ја контактирате Николина Тенчева тел. 02/3119 073 или моб. 078 252 812 и Љубомир Фаизов тел.02/3256 174 или моб.078 252 814
Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија
ЛГБТИ Центар за поддршка
Младински образовен форум
Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“
Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство
Плоштад Слобода
Национален совет за родова рамноправност
Институт за човекови права
Цивил - Центар за слобода
Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување
Здружение за унапредување на условите за грижа и сместување на стари и изнемогнати лица „ХУМАНОСТ“
This post is also available in: Albanian