Чекајќи го „второто полувреме“од 2001

4. Во однос на првите две платформи на владеачкиот модел на ВМРО-ДПМНЕ – моќната улога на клиентистичката држава и популистичката интерпретација на прашањата во однос на македонскиот идентитет – третата област на политички успех на владеачката етничко-македонска партија, се: односите со етничките Албанци во земјата. Имено, по две декади на различни отворени меѓуетнички конфликти на Балканот и траумата од меѓуетничкиот конфликт од 2001 година во Македонија, македонските националисти сфатија дека отворената агресија не претставува политички поттикнувач, дека е непродуктивна метода за справување со проблеми во сложени мулти-етнички и мулти-религиозни општества, како што е македонското. Така, тие го “променија“ својот однос кон етничките Албанци на различен националистички интензитет: отворен презир од типот ние-не-ве-сакаме-но-мораме-да-ве-толерираме. Груевски јавно призна дека го исмејува Охридскиот договор и политичките резултати кои произлегоа од тој договор во изминатата декада во Македонија, но го прифаќа како реалност која не може да ја промени, барем засега. Ваквата комплексна политичка “сигнализација“ кон неговите поддржувачи, наиде на плодна почва меѓу поголем дел етнички Македонци, кои, на некој начин, веруваат дека “еден ден“ ќе се отвори можност за “второ полувреме“ од конфликтот во 2001 година, во кое Албанците ќе бидат “заслужено победени“. Во меѓувреме, Груевски е верниот носач на факелот на национално-шовенистичката бесмислена идеја. И неговата улога, незачудувачки, е многу поделена на национално ниво.

Пишува: Сашо Орданоски

Пишува: д-р Сашо Орданоски

Во анкетата за истражување на јавното мислење што ја спроведов[1] за ставовите на јавноста во македонското општество во однос на лидерските способности на Груевски и неговите лични и политички карактеристики, поделбите меѓу етничките македонско-албански линии се јасни, скоро етнички симетрални и истите се продлабочуваат. 38% од етничките Македонци го идеализираат Груевски како личност и како политички лидер, додека 37% од етничките Албанци го сметаат за сосем неприфатлив. Повеќе од 65% од етничките Македонци во анкетата сметаат дека тој претставува харизматична личност, споредено со релчиси истиот сооднос на Албанци кои не го делат истото мислење. 38.8% од Македонците се чувствуваат оптимистички, 28.5% се чувствуваат задоволни кога го слушаат Груевски како зборува, додека 44.7% од етничките Албанци чувствуваат незадоволство, а 26.7% од албанските испитаници се гневни кога ги слушаат неговите говори и коментари. Речиси две-третини од Македонците сметаат дека Груевски ја обединува нацијата, додека истиот сооднос од две третини од Албанците велат дека тој ја разделува нацијата. Перцепцијата на околу 42% од етничките Македонци е дека Груевски води соодветна политика кон етничките Албанци, а 56% од Албанците ја сметаат таквата политика за несоодветна. На крај, во обид да се измери јавната доверба во однос на Груевски, 39% од етничките Македонци велат дека никогаш не би купиле половно возило од Груевски; тој процент е драстично повисок меѓу етничките албански испитаници и изнесува речиси 70% од нив. Компаративни податоци од други анкети спроведени во 2014 и 2015 година, на слични теми, ги потврдуваат и ги зајакнуваат ваквите трендови, особено меѓу етничките Албанци во земјата.

gruevski-lopata-685x320

Ваквото конкретно “омаловажување“ на политичките барања на етничките Албанци беше уште еднаш демонстрирано од ВМРО-ДПМНЕ по последните парламентарни и претседателски избори што се одржаа во 2014 година. ДУИ не ја доби поддршката за својата идеја – без разлика на тоа колку добро беше подготвена и објаснета; и не беше – за избор на етнички консензуален кандидат за претседател на држава. И, иако повикуваа активно да се бојкотира гласањето за повторно избраниот претседател Ѓорѓе Иванов, тие мораа да го легитимизираат – ipso facto – преку континуираната соработка со политичкиот спонзор на Иванов, ВМРО-ДПМНЕ, во сегашната Влада. Во пост-изборниот процес на формирање на Владата, ДУИ инсистираше да ја добие функцијата собраниски спикер, но, на крајот, засрамено го прифатија реизборот на претходниот претседател на македонското Собрание, Трајко Велјановски, од ВМРО-ДПМНЕ. Тие навестуваа силни политички преговарачки позиции за распределбата на министерските места во новата Влада, барајќи политички и финансиски повлијателни портфолија – на крај, не добија ништо повеќе од тоа што го имаа во претходниот владин состав.... Со ваквото отворено и постојано опаѓање на нивната јавна политичка позиција и на политичките барања, Груевски успешно ја шири сликата за себеси и за неговата партија, како соодветен “лек“ против “албанските барања“ во Македонија.

5.Овие три “платформи“ – сеприсутна држава/партија во клинталистичкото општество; навраќање на идеолошките и материјалните аспекти на “самопочитта“ на македонскиот идентитет; и “следно ниво“ на националистичка омраза против етничките Албанци – се поткрепени со уште една владеачка техника што ВМРО-ДПМНЕ ја користи за да владее со Македонија, според сопствените демократски стандарди и политички визии: одлучувачки напор за целосна контрола на највлијателниот медиум во земјата.

По трансформацијата на националниот јавен сервис, Македонска Радио Телевизија (МРТ), во чиста и 100% информативна екстензија на владеачката ВМРО-ДПМНЕ, македонската Влада реши да “нападне“ поголем медиумски простор: веќе е позната по количината на јавни пари[2] што ги троши за реклами во националните комерцијални медиуми (избрани 3-4 национални телевизии, мрежа на локални и регионални радио станици, неколку Интернет портали и трите дневни весници, сите во сопственост на деловни лица мошне блиски на владеачката партија). Од 2010 година, па наваму, Владата го “постигна“ статусот на еден од од најголемите огласувачи во приватните медиуми, обично соборувајќи ги глобалните брендови што се рекламираат, како што се Кока Кола, Проктер&Гембл и националните мобилни оператори во Македонија.

Ајде пред МРТВ

Самата партија ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, која е несомнено најбогатата политичка партија во земјата, лесно ја покажува својата моќ за време на изборните кампањи – на пример, во 2014, за време на парламентарните избори, ВМРО-ДПМНЕ објави 16 пати повеќе реклами во печатените медиуми отколку нејзиниот политички противник СДСМ; и потроши 13 пати повеќе пари на општо рекламирање, отколку што беше буџетот на СДСМ за рекламирање[3]. Оваа запрепастувачка диспропорција е без преседан во било кои од претходните избори во изминатите 25 години во земјата.

Преку многу прецизна управувана контрола над медиумите – вклучувајќи методи од цензури, “црни листи“, па сé до скапи правни дејствија против оние медиуми кои не се “вистински верници“ на владините “дневни наредби“ – владеачката ВМРО-ДПМНЕ немилосрдно го педали својот пропагандистички наратив во јавната сфера: политички противници и оние кои јавно не се согласуваат со ниту еден аспект од тоа како се води земјата – без разлика дали се од официјалната политичка опозицији или само припаѓаат на граѓанското општество и пошироката јавност во земјата – се силно и постојано изложени на заплашувања, дискредитација и кампања за дискредитација од провладините медиуми и владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Говорот на омраза е секојдневна појава на провладините Интернет страни и традиционалните медиуми. Само во 2015 година, имало околу 20 физички напади, резултирајќи со сериозни повреди или со оштетување на имот (најчесто изгорени приватни автомобили) на оние новинари, сопственици на медиуми или јавни личности, кои се покритички настроени кон политиките, деловните врски и честите случаи на висока корупција поврзани со владеачката елита.

“Во нашата земја постојат сите форми на насилство врз новинарите, вклучувајќи и физички и вербални напади, пречки во секојдневното известување, како и демолирање на лична и опрема и имот на медиумите“, неодамна коментираше Насер Селмани, претседател на Македонската асоцијација на новинари[4].

Како резултат на овие ужасни практики што ги спроведува Владата, Македонија се наоѓа на самото дно во однос на слободата на печатот и според рангирањата за медиумска слобода во Европа и во светот: во годишниот извештај за слобода на печатот во светот од 29 април, 2015 година[5], “Фридом хаус“ со седиште во САД,  ја рангираше Македонија на 125 место од вкупно 199 рангирани држави; според Светскиот индекс за слободата на печатот на „Репортери без граници“, за истражување на состојбата со слободата на печатот за 2014, Македонија е рангирана на последно место не само меѓу европските земји, туку и балканските, и тоа на 117 место од вкупно рангираните 180 држави.[6]

6.Меѓутоа, постои многу битен елемент во равенката помеѓу владеачката партија и владеачката реалност: а тоа се парите. Многу пари.

Во политиката, популизмот претставува скапа дисциплина. Постојаниот наплив за масовна популарност и благопочитување на лидерот, во комбинација со високо ниво на корупција и антиреформска агенда, како резултат на задоволување на поголем број на политички разбудени сектори на општеството, бара значителни ресурси. И тоа, можеби на ниво на производство на гас на Путин, нафтените резерви на Чавез или доскорешниот континуиран силен раст на БДП на Турција на Ердоган... Но, доколку немаш ништо од тоа, и доколку си мала, недоволно развиена, континентална земја во средина на Балканот – како што е Македонија – која што има највисоко ниво на невработеност и најниско ниво на странски инвестиции во Европа, и официјални 30% ниво на сиромаштија во општеството, во тој случај, ниту вашата скапа апаратура за пропаганда, заедно со растечките нивоа на страв и притисоци во општеството, не може да ја заддржат вашата приказна за величенственост и успех за долго, без да се “подмачкува“ популистичката машинерија со постојано зголемување на приливот на пари.

Зоран Ставревски

Финансиското работење на македонската Влада е – во “старомоден грчки стил“, една од најдобро чуваните државни тајни. Долгогодишниот министер за финансии, Зоран Ставревски,  е кум на некогашниот министер за финансии (2000-2002) и сегашен премиер Груевски. Заедно, тие се весел пар, кој е единствен во земјата што всушност, ги има вистинските информации за тоа како стојат работите финансиски. Никој друг нема комплетни и детални повратни информации – вклучувајќи ја и Народната банка, ММФ, владеачките коалициски партнери, ниту парламентот – ниту пак, има овластување да дава јавни изјави за финансиските работи на државата. Понатаму, постои континуирана енергична дискусија меѓу Владата и претставниците на експертската заедница, во врска со сигурноста на државните статистички податоци во однос на клучните финансиски и економски податоци објавени од државата. На пример, кој е вистинскиот пораст на БДП (официјално, во 2013 изнесуваше 3,1% , по -0.4% во претходната година и предвидени 3.5% за 2014 година), кој е вистинскиот буџетски дефицит на земјата (официјално, помалку од 4%), колку е вистиински внатрешниот и надворешниот долг и кој кому должи пари (а не плаќа)...?

Значи, ако вкупната сума на задолженост се подели на годишно ниво, станува јасно дека, секој месец во последните неколку години, Владата позајмувала од домашни и/или странски извори, во просек, повеќе од 100 милиони евра за рефинансирање на своите стари долгови, како и за покривање на сé поголемите дупки во државниот буџет. И таа сума постојано се зголемува со секој нареден месец. Според официјалните податоци, во 2015 година Македонија ќе треба да им врати на домашните и на странските кредитори вкупен износ од околу 700 милиони евра, околу 7.5% од БДП. Со цел да се затвори дупката во буџетот, само во 2015 година, преку издавање на еврообврзници, државата се задолжи на странските пазари околу 800 милиони евра. ММФ и Светската банка (заедно со поголем број македонски макроекономски есперти) повторуваат во последните неколку години дека за да може финансискиот систем во земјата да остане стабилен, во блиска и среднорочна иднина, не смее да се надмине горната граница на сé поголемиот буџетски дефицит и дека мора да се држи под контрола нивото на задолженост.

Оваа политика на финансирање на популистички виртуелната реалност со виситински пари, ќе мора да заврши во еден момент во блиска иднина, како што на крајот се случи во Србија и Грција, на пример. Ќе мора даноците да се зголемат или трошоците за социјална помош и платите во јавната администрација да се намалат – или комбинација на двете, а тука се и новиот бран кредити и други форми на странски кредити. Колку побрзо се случи тоа, толку помалку социјални последици ќе има.

Се чини дека македонската политичка и социо-економска транзиција – овој маѓепсан политички непријател на локалниот популист – нема да исчезне во скоро време. Напротив, спротивно на нивните првобитни намери, македонските влади водени од Груевски во изминатите десет години, повеќе од било кога, обезбедија долг и просперитетен живот и понатамошна и бескрајна приказна на социо-економска транзиција на Република Македонија.

(Продолжува)

[1] “Ставовите во јавноста во однос на политичките и личните карактеристики на Никола Груевски како лидер”, со телефонско анкетирање на 500 испитаници со методологијата на компјутерски асистирано интервјуирање со телефон (CATI), извршено од Македонската агенција за истражување на јавното мислење BRIMA – членка на Gallup International, декември 2013 година.

[2] Оваа пракса е сосема нетранспарентна во однос на критериумите и буџетот потрошен за медиумско рекламирање, но во последните 6-7 години некои проценки го земаат износот од 8-10 милиони евра на годишно ниво, на вкупниот медиумски рекламен пазар во Македонија од околу 45-50 милиони евра. Mеѓутоа, некои проценки се дури и повисоки, на пример, во годишниот извештај за напредокот во 2013 Европската Комисија процени (http://ec.europa.eu/enlargement/pdf/key_documents/2013/package/brochures/the_former_yugoslav_republic_of_macedonia_2013.pdf) дека најмалку 1% од годишниот национален буџет (20 милиони евра) се инвестирани во медиумите преку владините кампањи и рекламирања.

[3] Деталните квалитативни и квантитативни анализи од изборите оддржани во 2014 може да се најдат на следниот линк: http://civil.org.mk/wp-content/uploads/2015/06/democracy-disqualified-en-lr.pdf

[4] Г-дин Селмани зборуваше на форумот посветен на “Безбедност и слобода на печатот во Македонија”, што се одржа во Скопје на 11 декември, 2015. Повеќе детали за неговиот и другите говори од овој настан може да се најдат на линкот: http://znm.org.mk/drupal-7.7/mk/node/937

[5] https://freedomhouse.org/report/freedom-world/freedom-world-2015#.VnATRdIrLIV

[6] http://en.rsf.org/macedonia.html


Експертскиот тим на ЦИВИЛ – Центар за слобода во состав на своите редовни активности, подготви нови, опширни правно-политички анализи за политичките состојби, за кризата и за изборниот процес во Република Македонија. Д-р Сашо Орданоски во декември подготви една опширна анализа под наслов „Македонија: Земјата на пропуштени демократски можности“ во која ја анализира севкупната општествено-политичка состојба во Република Македонија на подолг рок. Основа за оваа анализа се долгогодишните опсервации на Орданоски, како и големиот број извештаи од набљудувањето на ЦИВИЛ од крајот на 2014 година наваму.

Анализата на д-р Сашо Орданоски ја објавуваме во четири продолженија (ова е второто), а паралелно со тоа, ќе ги подготвиме за објавување и останатите анализи кои за ЦИВИЛ ги подготвија Александра Јозиќ-Илековиќ (Република Хрватска) и Сандра Гавриловска.

Врз основа на овие анализи, како и експертските анализи и препораки на ЦИВИЛ во изминатиот период, организацијата ќе се обиде да го даде својот придонес кон создавање услови за одржување слободни избори и надминување на политичката криза во Република Македонија.

Анализите и препораките кои ЦИВИЛ ги подготви во овој период се дел од активностите на проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.


Македонија: Земјата на пропуштени демократски можности